1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Правна војна“ за смартфоните

29 мај 2011

Производителите на смартфони се „торпедираат“ меѓусебно со тужби за „крадење“ на патентираните производи, се водат стотици судски процеси, а последен е оној меѓу Епл и Самсунг.

https://p.dw.com/p/11MfB
Судски спор меѓу Епл и самсунг за дизајнот на смартфонитеФотографија: picture alliance/dpa

Тужбите за заштита на авторските права можат да станат многу скапи. Неодамна САП, најголемиот светски понудувач на канцелариски софтвери, во САД беше осуден на казна од 345 милиони долари. Во браншата на мобилната телефонија, пак, станува збор за многу поголеми суми. Производителите на смартфони се „торпедираат“ меѓусебно со тужби за „крадење“ на патентираните производи, се водат стотици судски процеси, а последен е оној меѓу Епл и Самсунг.

Стотици илјади патенти

Во модерниот смартфон не постои ништо, што не е веќе патентирано. Чипот во внатрешноста, техниката за пренос, деловите на системот, дури и изгледот на симболите со кои се стартуваат одредените функции.

Флориан Милер, автор и деловен советник, но и долгогодишен експерт во браншата, го проценува бројот на патентите на стотици илјади. Тие не се само од областа на мобилната техника, туку и во компјутерската индустрија, зашто смартфоните се едновремено телефони и компјутери. „Соодветно на тоа, за производство и продажба на продукт кој би бил зрел за пазарот, потребни се патенти во двете бранши. Бројот на заштитените авторски права од класичната компјутерска област е притоа значително поголем отколку од класичната мoбилна телефонија. Во тој факт лежи причината за поголемиот број тужби во моментов во таа област“.

Мајкрософт, Епл, Нокиа, но и Самсунг и Квалком, сите тие имаат заштитени важни авторски права. Оној кој сака да ги користи нивните патенти, мора да плати за лиценци, што за фирмите е важен извор на приходи.

Тужбите за заштита на патентите имаат голем заканувачки потенцијал. Во најлош случај, на тужениот може да му биде забранета продажбата на неговите производи. Но, најчесто тужбите за повреда на авторските права завршуваат со спогодба меѓу двете страни. Експертот Флориан Милер констатира се‘ поголемо одолговлекување на судските процеси прд да дојде до меѓусебна спогодба.

Android-Handy - HTC Desire Smartphone
Андроид мобилен телефон ХТЦФотографија: picture alliance/dpa

Борба за удел во новиот пазар

За огорчената правна борба постои причина. Понудувачите се борат за удел во новиот пазар на смартфоните, но често и за голо преживување. Ајфон, Блекбери и смартфоните на Нокиа функционираат со сопствен софтвер. Андроид, напротив, е слободен софтвер, кого секој производител на мобилни телефони може да го користи. Зад него се крие интернет-пребарувачот Гугл, чија цел е со Андроид да постави нов стандард за смартфоните и таблет-компјутерите, слично на она што своевремено му успеа на Мајкрософт, со неговиот компјутерски софтвер Виндоус.

Фолкер Бриглед, новинар во специјализираното списание за компјутери, „Ц‘т“: „Со тоа што Андроид им стои на располагање на различни производители, постои и широка производна база. Ако еден корејски производител на апарати сака да создаде смартфон со ефикасен оперативен систем, кого не сака да го развива самиот, тогаш тука е Андроид“.

На успехот не мора да се чека долго - според проценките на фирмата за истражување на пазарот, Каналис, оперативниот систем Андроид на Гугл во меѓувреме е водечки на светскиот пазар и се користи во секој трет смартфон. Уделот во пазарот е двојно поголем отколку оној на Епл. Тоа е една од причините зошто зачестуваат судските процеси против понудувачите на Андроид, вели Флориан Милер: „Во последните 14 месеци имаше 41 тужба, онаа на Епл против Самсунг беше последната од нив. Ниту еден оперативен систем не се наоѓа под толкав ’вкрстен оган’, не само од концерните како Епл, Оракл и Мајкрософт, туку и од средните и малите сопственици на патенти“.

Постојат причини за избор на судовите

Галакси смартфонот на Самсунг е моментно особено успешен, надворешната површина е слична на Ајфонот на Епл до степен на поистоветување. Во април Епл ја тужеше корејската фирма, Самсунг одговори со противтужба. Во меѓувреме, со спорот се занимаваат судовите во четири држави на три континнети: САД, Германија, Јапонија и Кореја.

За изборот на местото каде ќе се води судскиот спор постојат различни причини, вели Мартин Фендрих, специјализиран за споровите за авторски права од адвокатската канцеларија Хоган Ловелс Интернационал во Диселдорф: „Тоа зависи, пред се`, од значењето кое засегнатите го имаат на пазарот, но и од проценката на судовите во одделни земји: колку се тие ажурни, дали се понаклонети кон заштитата на патентите или не. Тоа се фактори, кои играат улога при изборот на судовите“.

Одбрана на сопствениот производ

Епл во конкукрентот Андроид ја гледа најголемата закана за својот производ. На крајот на краиштата, Ајфонот претставува неопходна алатка за пристап до високопрофитабилните дополнителни понуди како Ајтјунс и Еп стор, преку кои Епл продава музика, филмови и различни други содржини. Затоа Епл ги тужи сите три водечки производители на смартфони, кои функционираат со Андроид - ХТЦ, Моторола и Самсунг. На Епл притоа не му е толку до добивањето пари за лиценците, смета Флориан Милер, туку до одбраната на атрактивноста на сопствениот Ајфон: „Епл е играч кој треба да се сфати сериозно, кој со патенти има покриено цела редица функции кои денешните потрошувачи едноставно ги очекуваат кај еден смартфон. Кој ќе слушне за адвокатите на Епл, мора да биде подготвен дека компанијата можеби за никаква цена на светот нема да биде подготвена да продаде лиценца, туку врши притисок да се отстранат одредени функции од конкурентските производи. Тоа, во краен случај, може да води кон забрана за нивна продажба на пазарот.“

Neues Nokia N8 Smartphone
Смартфонот на Нокиа, Н8Фотографија: picture alliance/dpa

Поскапување на производите?

Флориан Милер го смета за веројатно поскапувањето на Андроид-апаратите поради судските процеси. Фолкер Бриглеб од магазинот за компјутери „Ц‘т“ напротив верува дека на крајот сите големи производители ќе се спогодат, зашто во крајна линија, големите смартфон-конкуренти се најчесто зависни еден од друг. Тоа е причина, зошто на секоја тужба најчесто следува противтужба: „Ќе бидеме сведоци уште на многу спектакуларни процеси, но долгорочно гледано, тие ќе се спогодат, а стандардно релевантните патенти ќе бидат соединети во лиценцни пакети. Можно е тоа да влијае врз цените, но за возврат, производствената постапка ќе биде малку поевтина. Значи, не мора да се очекува дека смартфоните драстично ќе поскапат поради судските процеси околу лиценците“.

Автор: Андреас Бекер/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска