Кремљ испрати истражители во Анкара
20 декември 2016Во истражителскиот тим кој се упати кон Анкара се наоѓаат експерти од тајните служби, полицијата и од министерството за надворешни работи на Русија, изјави портпаролот на Кремљ Дмитри Песков. Истражителите би требало заедно со турските колеги да спроведат истрага за убиството на највисокиот руски дипломат во Анкара и да ги откријат организаторите. Согласност за испраќање на тимот постигнале претседателите на двете земји, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган, истакна Песков.
Рускиот амбасадор Андреј Карлов синоќа загина во атентатот кој го изврши припадник на полицијата во Анкара. Напаѓачот извикувал дека во прашање е одмазда за Алепо. Амбасадорот Карлов (62) се здобил со тешки повреди, а набрзо потоа починал во болница. Повредени се уште најмалку 3 лица. Нападот се случил во една галерија во населбата Чанкаја, каде се наоѓа руската како и многу други амбасади. Амбасадорот Карлов ја отворал изложбата на тема: „Русија, како ја гледаат Турците“. Соопштено е дека напаѓачот пукал врз амбасадорот кога тој го завршил говорот. Имало најмалку 8 истрели. На видео-снимките може да се слушне како напаѓачот неколку пати извикува „Алаху акбар“ и „Одмазда за Алепо“. Агенцијата „Анадолу“ јави оти силите на безбедност малку подоцна го „неутрализрале“ напаѓачот. Според наводите на турските официјални лица, атентаторот е полицаец од Анкара. Во моментот на нападот не бил на работа. За убиството користел службен пиштол.
Турската полиција ноќеска приведе 4 лица, во рамките на истрагата за атентатот а властите во Анкара подоцна соопштија дека убиецот е 22-годишниот Мевлут Мерт Алтинаш, кој бил припадник на полицијата за разбивање насилни протести во последните две и пол години. Новинската агенција „Анадолија“, повикувајќи се на полициски извори, јавува оти семејната куќа на Алтинас на западот на Турција е претресена и дека се приведени неговите татко, мајка и сестра. Агенцијата наведува оти е извршен претрес и во неговиот стан во Анкара и дека е приведен и неговиот цимер, истотака припадник на полицијата за разбивање насилни протести. Предходните денови во Турција зачестија протестите пред амбасадите на Иран и Русија бидејќи двете земји воено ја поддржаа офанзивата на сириската војска во Алепо.
Руското министерство за надворешни работи соопшти дека го толкува убиството како терористички акт. Претставници на бројни држави упатија пораки за поддршка на руските официјални лица, а претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, телефонски му изразил сочувство на рускиот колега Владимир Путин.
Цел на убиството на рускиот амбасадор во Турција Андреј Карлов била да се „запре процесот на нормализирање на односите меѓу Русија и Турција, за да не се дозволи ефикасна борба против тероризмот во Сирија“, изјави денеска шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Лавров рече оти тоа му го порачал претседателот Владимир Путин на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во телефонскиот разговор. „Таа цел со такви лоши средства нема да помине“, се наведува во изјавата на Лавров објавена на сајтот на руското Министерството за надворешни работи.
Лавров потврди дека денеска во Турција отпатува група истражители која заедно со турските експерти „ќе учествува во пронаоѓање на вистината“. Во Москва денес ќе биде одржан состанок на министрите за надворешни работи и одбрана на Турција, кој првично требаше да биде посветен за ситуацијата во Сирија. По убиството на амбасадорот, дневниот ред на состанокот ќе биде корегиран, јавуваат руските новински агенции.
Лавров во изјавата укажа оти на состанокот ќе бидат разгледани мерки „кои ќе ја направат невозможна реализацијата на оние планови кои ги имале нарачателите и организаторите на ова злосторство“.