По ТВ-дуелот на големите, „битка на петмината“ мали
5 септември 2017По ТВ-дуелот меѓу кандидатите на демохристијаните (Ангела Меркел) и на социјалдемократите (Мартин Шулц) кои во неделата сублимираа неколку поенти, вчера и помалите партии имаа можност да ѝ се обратат на германската јавност.
Петте учесници на ТВ- дебатата го покриваат целиот спектар на германска политика: десничарско популистичката Алтернатива за Германија (АфД)- против имиграцијата, баварската конзервативна партија, ЦСУ, „помалата сестра" на ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел, Слободните демократи (ФДП)- ориентирани кон слободниот пазар и личните граѓански слободи, Зелените и Левичарската партија, наследничка на Партијата на социјалистичкото единство во поранешната комунистичка источна Германија.
Потенцијалот за несогласување беше далеку поголем отколку меѓу Меркел и нејзиниот противкандидат од Социјалдемократската партија, Мартин Шулц, така што не беше потребно долго време за да почнат да летаат искри во она што беше замислено како „битка на петмината".
На пример, Сара Вагенкнехт од Левицата, веднаш ги нападна ЦСУ и ФДП за нивната поддршка за приватизацијата. Но, сите претставници на партиите, со исклучок на Јоахим Херман од ЦСУ, ја нападнаа големата коалиција на Меркел со прашања кои се однесуваа од пензиите до дигитализација, од приватноста на податоците па се до мерките за борба против радикалните исламисти во Германија.
Најдобри непријатели?
Иако сите петмина учесници имаа за цел да освојат гласови, влогот беше многу различен. ЦСУ опстојува само во Баварија и никогаш не се оддели од ЦДУ, па затоа за нив немаше притисок. AфД, кај која некои членови постојано беа обвинувани за расизам и про-нацистички симпатии, се смета за токсична од страна на сите други германски партии. ЦДУ-ЦСУ ја отфрлија можноста за каква било коалиција со левиот спектар, ефикасно исклучувајќи ги од поделбата на моќта, освен ако Шулц и СПД не направат чудо во анкетите.
Значи, вниманието беше посебно насочено кон двајцата потенцијално решавачки субјекти во формирањето на новата влада на Германија, кои на конзервативците би можеле да им одговараат во коалиција: ФДП и Зелените. Коалицијата на овие две партии со ЦДУ-ЦСУ речиси сигурно ќе располага со парламентарно мнозинство по изборите на 24 септември, но, исто така, ќе биде потребно Зелените и „Либералите", како што се познати ФДП, да ја надминат нивната изразена взаемна антипатија.
Без разлика дали тоа беше стратегија или не, претседателот на ФДП, Кристијан Линднер, остроумно се согласи со копретседателот на Зелените, Чем Ездемир, дека треба да се зголемат платите за традиционалните женски занимања како медицинските сестри и воспитувачките. Линднер, исто така, ја употреби неформалната форма на обраќање кога му поставуваше директно прашања на лидерот на Зелените.
Лево против десно
За партијата на Левицата и за АфД, кои во анкетите имаат околу 10 насто поддршка, целта е да соберат што е можно повеќе гласови, за на поцентристичките партии да им биде што е можно потешко да формираат коалиција.
Доколку повторно дојде до ново издание на големата коалиција, партијата меѓу Левицата, Зелените, Либералите и АфД, која ќе собере најмногу гласови, ќе ја предводи парламентарната опозиција. Тоа би бил вистински подвиг посебно за АфД, која постои само од 2013 година.
Алис Вајдел од АфД на дуелот тврдеше дека нејзината партија е единствената која ја критикувала политиката на Европската унија за референтна каматна стапка од нула проценти. Тоа воопшто не и се допадна на претставничката на Левицата.
„Не знам дали АфД ја презема критиката за ЕУ од нас, но ние го правевме тоа уште пред да постои нешто како АфД“, рече Вагенкнехт.
Вајдел реагираше со прашање до Вагекнехт, дали нејзината партија навистина верува во свет без национални граници. Вагенкнехт пак ја заостри дискусијата прашувајќи ја Вајдел дали се чувствува комфорно во партија полна со „полу-нацисти“.
Жешка тема- мигранти
Со оглед на критиките дека телевизискиот дуел Меркел-Шулц премногу се фокусираше на мигрантите, водителите на вчерашната дебата првично се концентрираа на прашања за социјалната заштита. Но, не беше избегната темата за мигрантите и барателите на азил.
Тука се појавија спротиставени мислења меѓу ФДП и Зелените, при што Линднер изјави дека одбиените баратели на азил треба да бидат депортирани побрзо и ги критикуваше Зелените дека се спротивставаат на депортирациите во Северна Африка.
Не е изненадувачки дека Вајдел од АфД ја зазеде најтврда позиција, која предложи законот за германски азил да биде променет за да се постигне „негативна имиграција".
Ездемир тврдеше дека се депортираат „погрешни луѓе", додека опасните лица како напаѓачот на берлинскиот божиќен панаѓур Анис Амри избегнале од ефикасен надзор.
Дали некои гласачи го променија мислењето додека петмината претставници се спротивставуваа и се прекинуваа еден со друг, во текот на 75-минутната дебата, е отворено прашање. Но, „битката на петмината" покажа дека постои можност да се создадат нови коалиции во германската политика, но тоа ќе зависи од германскиот електорат, кој ќе го избере идниот состав на парламентот на 24 септември.