Добра вест за Анкара, лоша вест за Брисел?
2 ноември 2015Официјалниот став по повод изборната победа на АКП е воздржан: шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини ја пофали довербата на турските граѓани во демократскиот процес изразена и докажана преку високата излезност. Освен тоа, ЕУ останува на определбата за партнерство со Турција, посакувајќи продолжение на соработката. Изјава со највисока дипломатска сувопарност.
И претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц е воздржан: „Се надевам дека Ердоган ќе го искористи своето апсолутно мнозинство за поумерена форма на владеење, со што би се надминала поларизацијата во земјата и првенствено ќе попушти во курдското прашање, што е важно за односите со Европа.“ Шулц верува оти во наредните преговори околу бегалската криза турскиот премиер ќе биде поопуштен. Сепак: „Преговорите ќе се водат на рамноправно ниво, ниедна страна нема да може да ги протурка сите свои барања.“ Нам ни е потребна Турција заради совладување на бегалската криза, ние и‘ требаме пак за либерализирање на визите, што има големо економско значење за земјата, потенцира Шулц во интервју за Дојче веле.
„Зависиме од милоста на Ердоган“
Елмар Брок напротив избира многу подиректни зборови: Турција, не само во последните недели од изборната борба, туку уште во изминатите една, две години се‘ повеќе се развиваше настрана од правна држава, вели претседателот на Комисијата за надворешни работи на ЕП во интервју за радио rbb.
Дали на изборите се користеле дозволени средства, ќе се покаже, иако не постојат укажувања за генерален фалсификат. Во основа, претседателот Ердоган на гласачите им го постави изборот: јас или хаос, при што изборачите се определија за стабилност, потенцира Брок. Политичарот од ЦДУ гледа малку причина за оптимизам пред претстојните преговори со ЕУ околу бегалската криза: „Без Ердоган, ние нема да го совладаме проблемот со бегалците, а Ердоган го има подолгиот крај од стапот.“ Европејците едноставно мора да соработуваат со него, при што истото важи и во однос на завршувањето на војната во Сирија: Турција учествува на преговорите во Виена, без неа нема да се дојде до решение. „Многу нешта ќе зависат од милоста на Ердоган, дали тој барем малку ќе се придвижи кон разумност. Во негови раце е одлуката дали ќе има соработка при мировните преговори, како и во поглед на миграцијата низ неговата земја. Целокупниот развој зависи од Ердоган, тој го има клучот, што за нас не е пријатна ситуација, но не ни останува голем избор, освен разумна соработка.“
Сметка за пасивноста
„Со овие избори, на ЕУ и‘ е испорачана сметката за нејзиното долгогодишно замижување пред проблемите во Турција“, вели Ребека Хармс, претседател на пратеничката група на Зелените во ЕП. Европејците во никој случај не смеат да го премолчат текот на изборите во Турција: „Целиот изборен процес не одговара на демократските стандарди“, вели Хармс, наведувајќи ги постојаните пустошења во партиските простории на ХДП, како и генералниот однос кон опозицијата по нападот во Анкара. „Ердоган и неговата партија создадоа клима на несигурност“, што се покажа на изборите. ЕУ не смее да затвора очи и мора јасно да ги критикува политичките средства со кои АКП го обезбеди задржувањето на власта.“
Колку големи отстапки можат да му направат Европејците на Ердоган во преговорите околу бегалската криза? Мора да се најдат отворени зборови, бара Ребека Хармс. Таа е за повторно започнување на замрзнатите преговори за прием на Турција во ЕУ. Но, „бизарно е во ваква захрижувачка ситуација да се отвораат дискусии околу судството и правната држава“, откако со години не постоел интерес за тоа. Хармс претпоставува дека претстојниот Извештај на ЕК за напредокот на Турција, премолчено пролонгиран, ќе биде преблаг. Извештајот, со обзир на изборите, беше одложен и се очекува деновиве.
Воздржаност и во Берлин
И политичарите во Берлин се воздржани во реакциите на изборната победа на турската партија АКП. Владиниот портпарол Штефан Зајберт го пофали мирниот тек на гласањето и високата излезност. Сојузната влада ја повика идната турска влада на курс на помирување. Сега е на ред „кон многуте предизвици да се пријде во духот на национално единство и подготвеност за компромиси“, истакна Зајберт.
Партијата на Левицата пак и‘ префрли на канцеларката Ангела Меркел „за активна предизборна поддршка на исламско-конзервативната партија“. Партиската шефица Катја Кипинг денеска во Берлин укажа на посетата на Меркел кај Ердоган пред изборите, со цел да се советува околу бегалската криза. Таа ја предуреди ЕУ да не се впушта во „валкани зделки“ со Турција со цел да го ограничи бројот на бегалци. Кипинг ја критикуваше атмосферата на страв во која се одржаа изборите во Турција. Многумина луѓе биле заплашени, власта масивно и‘ се закануваше на опозицијата пред изборите, а имаше и масивни напади врз слободата на печатот, истакнува Кипинг.