1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почна самитот во Охрид

Милчо Јовановски2 мај 2008

Во Охрид почна 15-от самит на претседатели на државите од Централна Европа. Самитот го отвори домаќинот, Бранко Црвенковски.

https://p.dw.com/p/DsGk
Фотографија: Petr Stojanovski

Македонскиот претседател, Бранко Црвенковски, зборувајќи за состојбите во регионот, рече: „Во последните неколку години државите од Западен Балкан навлегоа во специфична фаза од развојот на регионот, кога интензивирањето на билатералните односи, регионалните проекти и соработката во рамките на евро-атлантските интеграции започнаа да доминираат во нашите национални агенди.“

Според Црвенковски, независно од евидентниот прогрес што е постигнат, Западниот Балкан не е дефинитивно стабилизиран и целосно и неповратно насочен на патот кон Европа. Ризиците не смеат да бидат потценети, рече тој, додавајќи: „Во овој контекст посебно би го псомнал прашањето на Косово за чија комплексност говори и фактот што во рамките на самата ЕУ не можеше да се изгради единствен заеднички став. Република Македонија како непосреден сосед е силно заинтересирана на својата северна граница да има трајно стабилна состојба и искажуваме целосна подготвеност да дадеме сопствен придонес во остварувањето на таа цел.“

Да не се наметне неевропска логика

Зборувајќи за евро-атлантските аспирации на Македонија, Црвенковски подвлече: „Со право очекувавме на неодамна одржаниот самит на НАТО во Букурешт да ја добиеме поканата за членство, а до крајот на 2008-ма и датум за почеток на преговори со ЕУ.

Die Präsidenten mittel und südosteuropäischer Länder haben am Freitag in der mazedonischen Stadt Ohrid ein zweitägiges Treffen begonnen
Фотографија: Petr Stojanovski

За жал, и покрај неподелените оценки на членовите на алијансата дека Република Македонија ги исполнува сите критериуми за членство, позитивна одлука за нашата земја не беше донесена. Индивидуалниот интерес на една земја членка, поврзан со еден билатерален спор со нашата земја, се наметна над коелктивниот интерес на алијансата и над основните принципит врз кои почива самата организација. Имајќи предвид дека се најавува можност, истата, во суштина неевропска логика да се наметне во нашето напредување во процесот на интегрирање кон ЕУ, сакам да укажам на една потенцијална опасност. Форсирањето на тесните индивидуални интереси на одделни земји, наспроти заедничката визија за Европа, без нови линии на поделба, можат сериозно да го проблематизираат тешко стекнатите придобивки“, рече Црвенковски.

Според него, Република Македонија е заинтересирана повеќе од кој било друг спорот околу името со соседна Грција да биде разрешен: „Нашата подготвеност за компромис ја демонстриравме на најдиректен начин и пред самитот во Букурешт, кога го прифативме предлогот поднесен од медијаторот во спорот, Метју Нимиц. За жал тој предлог Грција го одби. И денес остануваме посветени на конструктивното учество во преговорите за наоѓање решение за овој спор.“

Политиката на блокада на Грција е блокада и на интересите на НАТО и на ЕУ, рече и макеоднскиот премиер, Никола Груевски. Според него Македонија и‘ припаѓа на Европа и затоа и‘ треба поддршка од пријателите.

Самитот на претседатели, кој започна синоќа со неформална вечера и билатерални средби го обезбедуваат околу 3 илјади полицајци.