1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почина Џорџ Буш постариот

ЕМФ / дв
1 декември 2018

Поранешниот американски претседател Џорџ Буш постариот почина на 94-годишна возраст, соопшти во текот на ноќта преку Твитер портпарол на семејството Буш.

https://p.dw.com/p/39FhG
Ex-US-Präsdient George H.W. Bush gestorben
Фотографија: picture alliance/AP Photo/L. Jackson

Џорџ Буш сениор беше претседател на САД од 1989 до 1993 година. Претходно, осум години беше потпретседател во времето на Роналд Реган. Џорџ Буш помладиот, кој со САД раководеше од 2001 до 2009 година, на Твитер кусо напиша дека тој и неговите браќа и сестри „со тага соопштуваат оти нивниот сакан татко починал по 94 години исклучителни години“.

Џорџ Буш постариот почина само неколку месеци по својата сопруга Барбара Буш, со која беше во брак 73 години. Тој во последните години повеќепати беше во болница. Пред околу две и пол години, при пад во викендичката, скрши вратен зглоб, по што беше во инвалидска количка.

George H. W. Bush mit Ehefrau Barbara 2004
Џорџ и Барбара Буш на републиканска конвенција во Њујорк во 2004 годинаФотографија: picture alliance/ZUMAPRESS.com

Од времето на неговото претседателствување во сеќавање ќе остане пред сѐ војната за ослободување на Кувајт. Посебен профил Буш сениор покажа по падот на Берлинскиот ѕид. Тој беше еден од малкуте западни претседатели кој отворено застана зад германското обединување, поради што беше постојано фален од страна на поранешниот германски канцелар Хелмут Кол.

Ex-US-Präsdient George H.W. Bush gestorben
Џорџ Буш сениор во последните години беше во инвалидска количка (на фотографијата со синот Џорџ Буш помладиот во април годинава, на богослужбата по смртта на сопругата Барбара)Фотографија: picture alliance/AP Photo/D. J. Phillip

Џорџ Буш постариот, според историчарот Марк Апдегроув, немал добро мислење за Доналд Трамп и не гласал за него во ноември 2016 година, иако тој бил кандидат од неговата партија. Трамп не присуствуваше на богослужбата кога почина Барбара Буш. Претседателот соопшти дека нема да присуствува на церемонијата „од почит кон семејството Буш“.