Порше прави чекор кон целосно преземање на Фолксваген
26 март 2007Фолксваген е Голијат, најголем европски и еден од водечките светски производители на автомобили. Во споредба со него, Порше, со релативно мали серии ексклузивни спортски автомобили, е малиот Давид. Но, токму тој го презема главниот збор во концернот од Волфсбург. Од Штутгарт на викендот беше најавена, а денеска и официјално поднесена опција: Порше купува натамошни 3,6 проценти од матичните акции на Фолксваген, со што неговиот удел кај Фолксваген би достигнал речиси 31 процент. Веќе е најавена и нова управувачка структура со формирање холдинг во правна форма на европско акционерско друштво.
Со новото купување акции Порше, заедно со акциите на покраината Долна Саксонија, ќе има мнозински удел од преку 50 проценти. Така тие можат да го спасат концернот од непријателско преземање од трета страна и да ги гарантираат работните места. Истовремено, меѓутоа, Порше прави и натамошен чекор кон комплетно преземање на власта во Фолксваген. Со пречекорување на границата на удел од преку 30 насто, Порше е правно обврзан наскоро да им направи понуда на сите други акционери на Фоклксваген за преземање и на нивите акции. Проблем е само цената: Порше сака да понуди 101 евро за акција, додека на берзата тие во петокот котираа до 119 евра.
За набљудувачите акцијата на Порше не е изненадување. На последната презентација на билансот на претпријатието, претседателот на Управниот одбор Венделин Видекинг изјави: "Со влегувањето кај Фолксваген, Порше стана поинакво претпријатие. Ние излеговме од нашето топло катче и свесно се подложуваме на правилата на една друга лига. Тоа секако носи ризици. Но, ние сметаме дека е битно поважно што тоа ни отвора и шанси, чие некористење би било речиси казниво”.
Покраинскиот премиер на Долна Саксонија го поздрави потегот на Порше, позитивно се искажаа и раководните тела на Фолксваген. Првите луѓе на двете претпријатија, Мартин Винтеркорн од Фолксваген и Видекинг од Порше ја подвлекоа заедничката цел, концернот да биде подобар од моментно водечкиот во светот на автомобилските производители, јапонската Тојота.