Помпезен почеток на севластието на Ердоган
10 јули 2018101 топовски плотун во чест на Претседателот, плус отомански воен оркестар, како и класичен оркестар. Така изгледаше славјето за Реџеп Таип Ердоган пред неговата палата во главниот град на Турција. Тој ја инсценираше својата нова моќ под отворено небо, пред илјадници поканети гости од земјата и од странство. Многу африкански лидери дојдоа: од Судан, Сомалија и од Чад. Покрај тоа, емирот на Катар, претседателот на Венецуела, Мадуро и рускиот премиер Медведев. За разлика од нив, присутни беа релативно малку високи гости од Европа. Учествуваа претставници од Бугарија, Македонија и од Унгарија. Германија беше претставена од поранешниот канцелар Герхард Шредер.
„Сега почнува нова ера“, вети Ердоган и притоа делуваше самоуверено - како некој што ја остварил својата цел. Кратко пред тоа, тој во парламентот положи заклетва на функцијата за натамошни пет години. Всушност, во Турција со ова се случува пресвртница. Затоа што отсега натаму се применува новиот претседателски систем, а Ердоган е помоќен од кога и да било досега: тој е шеф на државата, на партијата и на владата во исто време. Тој може да назначува или да отпушта министри и некои од највисоки судии, да го распушти парламентот, да го подготви буџетот и да управува со декрет. Неговата претседателска палата во Анкара - отсега натаму е центарот на политичката моќ.
Своерачно одбран кабинет
Ердоган, исто така, го објави и својот кабинет: Турција во иднина ќе има16 министерства. Неговиот зет, Берат Албајрак, за кој често се говори како за принц престолонаследник, го менува министерското место за енергија за она за финансии и наскоро треба да помогне во заживувањето на турската економија. Впрочем, Ердоган има многу планови. Тој сака да ја направи Турција „една од десетте најважни економски сили во светот". Како точно сака да го стори тоа, нема кажано.
Повеќе на темата:
-Ердоган: Првиот султан на модерна Турција
-Сета моќ за Ердоган: Што сѐ смее турскиот претседател?
-Ердоган победи, демократијата загуби
Министер за надворешни работи останува Мевлут Чавушоглу. Во иднина, тој исто така ќе биде одговорен за нарушените односи на неговата земја со ЕУ, бидејќи веќе нема да има посебно европско министерство. Министерот за внатрешни работи Сојлу и министерот за правда Ѓул исто така ги задржуваат своите работни места. Многу други имиња кои Ердоган ги наведе оваа вечер досега се прилично непознати во Турција.
Засега, останува нејасно што ќе се случува со лидерот на МХП, Девлет Бахчели. Тој и неговата ултрадесничарска партија не само што му помогнаа на Ердоган да ги спроведе неопходните уставни измени за претседателски систем, туку и преку изборна коалиција на 24 јуни ѝ го обезбеди парламентарното мнозинство на АКП. Набљудувачите сметаат дека Бахчели за тоа ќе побара нешто за возврат.
Општество во раскол
И покрај сета моќ - една работа не се промени: Ердоган владее со длабоко поделена земја. И тоа станува јасно веднаш штом ќе се излезе надвор од ѕидовите на палатата. Многу млади луѓе живеат во Чанкаја, во центарот на градот Анкара. Во овој кварт има многу барови и клубови. Мнозинството гласачи тука гласаа против Ердоган. „Не знам што носи иднината, но мислам ништо добро", вели еден млад човек. „Тој и без тоа има сѐ под контрола, и ќе биде уште полошо. Тој и неговите луѓе секогаш зборуваат за демократија, но тоа е нивна демократија, а не наша“. Многу Турци слично гледаат на тоа. 47 насто гласаа против Ердоган на 24-ти јуни. На многумина самата помисла дека ќе владее уште пет години им влева страв.
Можеби и затоа Ердоган употреби изненадувачки помирливи тонови по инаугурацијата. Тој вети дека ќе биде претседател „не само за неговите гласачи, туку и на сите 81 милиони Турци". Отсега натаму, рече Ердоган, Турција ќе постигнува само напредок, во сите области, вклучително и демократијата и слободата.
Само ден претходно Ердоган со декрет отпушти уште 18.500 државни службеници, вклучувајќи полицајци, војници и академици. Тие се товарат за врски со терористички групи кои ја загрозуваат „државната безбедност".
Исто така беа затворени три весници, телевизиска станица и дванаесет невладини организации. Ова е овозможено со вонредната состојба, која е во сила од обидот за државен удар во јули 2016 година. За време на изборите Ердоган вети дека конечно ќе ја укине вонредната состојба. Тој уште не го исполни ова ветување.