1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помирување преку младинска размена на Балканот

Пандели Пани
10 декември 2016

РИКО, Проектот за регионална соработка на младите од Западен Балкан, по неполни шест месеци од средбата на премиерите на државите од регионот, го добива својот лик.

https://p.dw.com/p/2U4UF
Albanien Eröffnung des Regional Youth Cooperation Büros in Tirana
Фотографија: DW/A. Falcke

Не поминаа ни шест месеци откако шефовите на влади на Албанија, БиХ, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија, го потпишаа основачкиот договор за РИКО во присуство на германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател и австрискиот канцелар, а веќе Проектот за регионална соработка на младите од Западен Балкан го добива својот лик.

„Европа не може да се гради без придонес од младите од земјите на Западен Балкан“, изјави Харлем Деси, државен секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Франција на конституирачкото заседание на Проектот за регионална соработка на младите од Западен Балкан во Тирана (8.12).

Формирањето на новиот младински центар е важен момент во разбирањето на народите, мирот и на прекуграничната соработка, токму во момент во кој Европа се наоѓа пред опасност од распарчување.

Помирување преку размена на младинци

РИКО преку програми за размена треба да придонесе за помирување меѓу младите луѓе од поранешните југословенски земји, како и Албанија и да ја поттикне нивната соработка. Но, РИКО претставува и значаен елемент за засилено партнерство во регионот и ќе ги унапреди односите меѓу западнобалканските држави.

Свесни за тешкото и болно минато, младите луѓе од овие земји ќе добијат можност да ги запознаат подобро луѓето и културата на нивните соседи, да склопат пријателства и да ги надминат предрасудите. 

Можност за поинаков начин на гледање на младите

Пример и инспиративен извор за РИКО е Германско-францускиот младински центар, ДФЈВ, основан во 1963 година, кој го докажа исклучителниот карактер на младинската размена. ДФЈВ повеќе години организира и програми за интеркултурна размена меѓу младите на Балкан и преку соодветна експертиза решавачки придонесе за создавање на РИКО.

Уникатна „лабораторија“

РИКО треба да биде уникатен и прекуграничен проект во европската соработка. Неговата уникатност меѓутоа претставува и голем предизвик, зашто, како што истакнува Беатрис Ангранд, генерален секретар на

ДФЈВ, овде станува збор за младинска размена од шест, а не само од две држави.

Заради што подиректно инволвирање на младите луѓе од цивилното општество во развојните процеси, тие претставуваат половина од раководното тело. Од големо значење за успешноста на работата на РИКО се сепак и политичката волја и соработката меѓу политичките актери и цивилното општество.

Но, младите од цивилното општество не само што седат во раководното тело, туку имаат и можност да ја обликуваат работата на РИКО. Тие во работни групи во Тирана изнесоа различни идеи и предлози за владите, соработката со партнерите и поддржувачите и начинот на работа на РИКО.

Важна точка во предлозите е едноставноста во конкурсите за проекти, со цел во нив да можат да учествуваат и социјално запоставени групи.