Полуфинале кое е повеќе од само Роналдо против Бејл
6 јули 2016Човекот вреден 91 милиони евра против човекот вреден 94 милиони евра. Дваесет и седум милиони Фејсбук-фанови наспроти 113 милиони. Брз фудбал против нескротлива опасност по голот. Велшкиот херој против португалската гламурозна икона.
Повторно, играта „единасетмина против единаесетмина“ е сведена на „еден против еден“: Герет Бејл против Кристијано Роналдо. Најскапите фудбалери во светот ќе се натпреваруваат за влез во големото финале. Но дали првото полуфинале на ЕП меѓу Велс и Португалија навистина ќе биде само двобој? Се разбира дека не!
Медиумите со драго срце претеруваат, ја персонализираат приказната, обидувајќи се да ѝ ја доближат на својата публика. „Бејл против Роналдо“ гласи еден од популарните наслови пред вечерашното полуфинале. Се разбира, тоа се должи и на тоа што информациите за двете супер-ѕвезди носат кликови, тие имаат милиони фанови. Но, ваквото формулирање често го крие погледот од важното: дуелот Велс против Португалија е многу повеќе од само дуел на тимски колеги од Реал Мадрид кои тежат милиони.
Сепак игра 11 против 11
Првиот полуфинален натпревар на Европското првенство во Франција е средба на два многу различни тима чие пласирање во полуфиналето ги изненади речиси сите експерти, кои имаа поинакви прогнози. Успехот е постигнат и со помош на двете големи фудбалски ѕвезди, но не се должи само на нив. „Не станува збор само за дуел помеѓу двајца играчи, тоа го знае навистина секој. Се работи за дуел меѓу две нации, единасет наспроти единаесет“, заклучи Герет Бејл.
Велс, на пример, освен тесниот пораз од соседот Англија во групната фаза, маршираше од победа во победа во остатокот од првенството. Играчите соработуваат на теренот, ефикасно ја пренесуваат топката и многу трчаат. И, пред сѐ - Велс игра изненадувачки креативен фудбал. Ова беше очигледно уште за време на квалификационата фаза за ЕП. Наместо да се однесуваат како другите аутсајдери и да се држат до дефанзивна игра и надеж на некаков контранапад, Велшаните имаа активна игра независно од тоа кој се наоѓа на спротивната страна. Доминираа над Русите, а во мечот против фаворитот Белгија додуша долго беа боздржани, но на аспирантот за титулата, кој на крајот не успеа, во ниту еден момент не му ја препуштија целосната контрола на играта. Кога разиграните Белгијци се уморија, Велшаните нападнаа ладнокрвно.
Едниот е тимски играч, другиот е... Роналдо
И покрај ,или можеби токму поради досегашните успеси на шампионатот, селекторот на велшката репрезентација Крис Колман не сака да се откаже од улогата на аутсајдер, која му стана драга: „Ние сме аутсајдери. За Португалија ова е веќе седмо полуфинале, но тоа не претставува проблем за нас. Независно против кого играме, се работи за нас, за нашите играчи. Тие знаат дека можат и си веруваат еден на друг“. За селекторот Колман тимскиот дух е можеби најголемата гаранција за успех. Затоа за него е важно и целосното вклопување во колективот на веројатно најдобриот велшки играч во историјата на фудбалот: „Герет дефинитивно е тимски играч“, ја пофали Колман својата ѕвезда и додаде: „Не смее да се потцени важноста на еден тимски играч“.
Овој аспект на играта не е квалитет на Роналдо. Проигрувањето, враќањето назад и одбраната се нешта што тој ги прави само повремено. Но, кога станува збор за слободните удари, тој ја презема главната улога. Сепак, билансот на реализирани удари е катастрофален. Имено, во 28 натпревари во нокаут фазата на светските и европските првенства, Роналдо упатил 34 шутеви кон голот, но не постигнал ниту еден гол. Неговата самодоверба и став со раширени нозе во тие моменти делува само како смешно шоу.
Дало новата ѕвезда на Бајерн е постара отколку што е наведено?
Но, Роналдо е опасен како дел од офанзивниот дел од тимот на Португалија, кој трча многу. Тој е одлучувачки фактор, што можеше да се види и на натпреварот против Унгарија (3:3). Но, одамна не е само тој единствена опасност по голот, туку тука се и џокерот Рикардо Куарежма и новајлијата во Бајерн - Ренато Санчес. Овој последниов остава впечаток со својата силна волја за победа и со физичка градба која е вчудовидувачка за еден 18-годишник. Затоа и веднаш под прашалник е ставена возраста на Санчес. Според медиумски извештаи, поранешниот француски тренер Ги Ру изјавил дека Санчес би морало да има „23 или 24 години“. Тоа веднаш беше демантирано од страна на португалскиот селектор Фернандо Сантош. Дебата околу возраста на играчот е последното нешто што му е потребно на Сантош. Зашто, пред полуфиналето Португалија имаше за решавање цел куп работи: од недоволниот број шанси, преку делумната безидејност во играта, до слабостите во одбраната. Полуфиналето е голема шанса за досега борбените, но неубедливи Португалци да покажат дека нивниот успех не бил случаен.
А, можеби сѐ ќе биде сосема поинаку и Велс ќе пишува историја. „Веќе им се случија бајки на Данска и Грција. Тоа може да ни успее и нам“, изјави Герет Бејл, сеќавајќи се на сензациите на ЕП во 1991 и 2004 година. Тој веќе има и противник кој го посакува во финалето: „Се сеќавам дека Тони Крос пред првенството рече дека ќе одиграме само три натпревари. Дотолку е поубаво ако сега се сретнеме во финалето.“