Заложничка драма во автобус на „Ласта“ на автопатот А9
22 септември 2021По големата полициска акција на автопатот А9 јужно од Нирнберг, осомничениот утрово е сослушан, изјави портпаролот на полицијата и прецизираше дека 30-годишникот „им се заканувал со смрт“ на патниците на туристичкиот автобус и „веројатно земал тројца возачи како заложници“.
До кавгата во автобусот на „Ласта“ кој се движел кон Србија, според полицијата, дошло во вторникот попладне. Осомничениот тврдел дека има пиштол и се заканувал дека „сите ќе ги убие“. Дошло и до физички судир со неколку патници, при што две лица се полесно повредени. Поради тоа, автобусот запрел на дел од автопатот меѓу Хилполтштајн и Грединг во покраината Баварија, а освен тројцата возачи, сите патници можеле да излезат.
Неколку десетици специјалци на единицата СЕК на германската полиција била ангажирани, и додека траела повеќечасовната блокада на автопатот во двете насоки, успеале да воспостават контакт со еден од возачите преку мобилен телефон. Агенцијата Ројтерс пренесе дека околу 21:25 часот се слушнале три детонации, но тоа не се наведува во полицискиот извештај.
Драмата конечно завршила неколку минути подоцна, а осомничениот е уапсен „без отпор“. Полицијата засега не открива никакви дополнителни информации за случајот- не се знае дали осомничениот бил вооружен, затоа што ни кај него, ни во автобусот, не е пронајдено оружје. Не се знае дали возачите навистина биле земени како заложници, а нема ни информации за психичката состојба на напаѓачот, како ни за можните мотиви за нападот. Истрагата е во тек, велат од полицијата.