1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Подобро е Ердоган да си седи дома“

Томас Зајберт / Елизабета М. Фиданоска21 јануари 2014

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган денеска е во посета на Брисел. Неговите реакции на корупцискиот скандал најверојатно ќе доведат до чекор назад во односите со ЕУ, но тоа турскиот премиер се чини свесно го ризикува.

https://p.dw.com/p/1Au7v
Фотографија: Reuters

Турскиот премиер Ердоган треба да биде подготвен на критички забелешки од своите соговорници во Брисел - претседателот на Советот на ЕУ, Херман Ван Ромпој, претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо и претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц. Повеќемина претставници на ЕУ во текот на изминатите недели упатија остри критики поради реакцијата на Ердоган на обвинувањата за корупција во неговата влада - со масовни отпуштања полицајци и разрешување обвинители, како и планови за засилување на влијанието на владата врз правосудството.

Ердоган ваквите чекори ги образложи со тоа дека мора да се одбрани од силите во правосудството кои работат против владата и се обидуваат да ја соборат. Но критичарите во Турција и во ЕУ во мерките на Ердоган гледаат закана за поделбата на власта во државата. Турција се наоѓа во „државна криза“, вели за Дојче веле Ендру Даф, член на Мешовитата парламентарна комисија ЕУ-Турција. Процесот на приклучување на Турција кон ЕУ може да доживее комплетен застој.

„Опасноста е голема како никогаш досега“

Даф очекува Ердоган да даде уверливи објаснувања за тоа - зашто е убеден дека неговиот поранешен сојузник, исламскиот свештеник Фетулах Ѓулен, е одговорен за некаков заговор, што според турскиот премиер се крие зад обвинувањата за корупција. И пратеничката на Христијанско-социјалната унија во ЕП, Ренате Зомер, оценува дека процесот на приклучување на Турција кон ЕУ „е загрозен како никогаш досега“. Таа се надева на јасни зборови на Барозо во разговорите со Ердоган.

Symbolbild EU Türkei Flagge
Фотографија: picture-alliance/dpa

Владата на Ердоган знае каква е атмосферата во Брисел. Министерот за надворешни работи Ахмет Давутоглу пред новинарите рече дека постои подготвеност да се разгвоара за се‘, вклучително и за контроверзните планови за ресктруктуирање на т.н. Висок совет на судии и обвинители (ХСИК). Намерата на владата да го стави ХСИК под јурисдикција на Министерството на правда е во фокусот на загриженоста околу поделбата на власта во Турција, со голед на тоа што ХСИК е одговорен за пополнување на местата во правосудството.

Анкара смета дека ЕУ е соодговорна

Но подготвеноста на Анкара за разговор има граници. Давутоглу нагласува дека треба да се заштитат надлежностите на избраната влада од недемократски интервенции. Секоја критика на сметка на Турција треба да се ориентира според нормите на ЕУ. Тоа со други зборови значи: Анкара ги смета за легитимни критикуваните мерки, а критиката од Брисел ја смета за мешање во внатрешните работи.

Давутоглу неодамна ги обвини Велика Британија и Франција за соодговорни за обвинувањата за корупција. Лондон и Париз сакаат да го попречат патот на Турција како регионална сила, се вели во Анкара. Сепак, Турција не очекува криза. Според Давутоглу, владата во Анкара е за што побрз почеток на преговори за ново поглавје од преговорите со ЕУ за приклучување. Во ЕУ пак, со оглед на настаните во Турција, нема многу желба за такво нешто.

Türkei Deutschland EU Erdogan
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ердоган ризикува нов неуспех во Брисел

Со оглед на таквата ситуација, би било подобро Ердоган да си седи дома и да не патува за Брисел, забележува колумнистот Семих Идиз во разговор за ДВ. Тој оценува дека турскиот премиер не може да смета со речиси никакво разбирање во Брисел за неговите ставови. Ердоган ја подредува ЕУ-политика на своите внатрешнополитички интереси, вели Идиз. Сепак, критиката од ЕУ речиси и не го допира Ердоган, убеден е колумнистот. Многу турски избирачи и онака се откажаа од целта за приклучување кон ЕУ поради тактизирањето на Брисел. Европа за нив во моментов не е голема тема. Ердоган само сака да избегне целосно колабирање на процесот на приклучување кон ЕУ во неговиот мандат, нагласува Идиз. Затоа премиерот нема да дозволи прекин на односите со ЕУ, „но тој не се ангажира со цело срце“.