Подигнат споменик за геноцидот врз Ромите и Синтите
24 октомври 2012Споменикот кој го изработи израелскиот уметник Дани Караван се наоѓа во непосредна близина на Рајхстагот во Берлин.
Германската канцеларка Ангела Меркел која заедно со претседателот на државата Јоахим Гаук присуствуваше на церемонијата рече дека геноцидот врз Ромите и Синтите „оставил длабоки лузни и уште подлабоки рани“. Споменикот ја претставува судбината на единката во нашето опкружување и претставува обврска да се почитува дигнитетот на човекот, без разлика за кого станува збор, рече Меркел.
„Сега кога е откриен споменикот, трагично е што тоа ќе го доживеат само мал број преживеани“, вели Силвио Периторе. Тој е член на Централниот совет на Ромите и Синтите во Германија. На Германија и‘ беше потребно долго време, според многумина и предолго, за и на овој начин да го признае геноцидот врз Синтите и Ромите за време на владеењето на неонацистите.
„Франц Розенбах беше принуден работник, го преживеа Аушвиц и правеше обиколки на германските училишта во кои раскажуваше што преживеал. Овој, 85-годишник, кој деновиве почина, беше голем заговорник на подигнувањето споменик за убиените Синти и Роми во Германија, но не го дочека споменикот“, со тага раскажува Силвио Периторе.
Од 1997. година во Хајделберг е поставена изложба која се занимава со геноцидот врз Синтите и Ромите во Втората светска војна. Една година подоцна беше отворен и Документациски и културен центар, во чиј тим влезе и Периторе.
„Во многу меморијални центри геноцидот над Синтите и Ромите беше само историска фуснота во рамките на Холокаустот на Евреите. И науката во еден дел тоа го преспа, а делумно и свесно го прикриваше злосторството“, вели Периторе.
Дискриминацијата продолжува
Иако не сака да го споредува бројот на жртвите, шест милиони убиени Евреи и околу 500 илјади убиени Синти и Роми, Периторе вели дека откривањето на споменикот во Берлин е всушност признание и одговорност за жртвите. Проблемот е што Синтите и Ромите ни денес не се омилено малцинство низ Европа.
На континентот живеат околу 12 милиони Синти и Роми и во многу земји и натаму се на општествените маргини. Во Унгарија, Романија, Чешка и Словачка оневозможени им се елементарните човекови права. Немаат пристап до вработување, здравствен систем и нормални услови за живеење. Периторе вели дека Ромите сега доаѓаат во Германија затоа што бараат сигурна економска основа за достоинствен живот и дека нивната надеж е разбирлива и оправдана. Тој е убеден дека и Ромите, кога би добиле исти шанси за живот како и другите, би успеале да се интегрираат во општеството.