1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подигнато обвинение против осомничениот нацистички злосторник Чотари

ЕМФ/дпа/афп18 јуни 2013

Во Унгарија денеска (18.06) е подигнато обвинение против осомничениот нацистички злосторник Ласло Чотари. Тој се товари за депортaција на над 15 илјади Евреи од Кошице во концентрациони логори на нацистите.

https://p.dw.com/p/18rfj
Фотографија: dapd

Ласло Чотари денес има 98 години. Со оглед на тоа што неговиот случај е невообичаен, судскиот процес мора да почне во рок од 90 дена, соопшти денеска унгарското обвинителство. Чотари е обвинет дека во периодот од 1941 до 1944 година учествувал во депортација на 15.700 Евреи од собирниот логор во тогаш унгарското Кошау (денешно Кошице), кое денес е на територија на Словачка, во концентрациони логори на националсоцијалистите. Само во мај и јуни 1944 година од Кошау во Аушвиц биле депортирани 12.000 Евреи. Чотари тогаш бил командант на собирниот логор.

Festnahme Kriegsverbrecher Laszlo Csatary in Budapest
Ласло Чотари е во домашен притворФотографија: Reuters

По војната Ласло Чотари под лажно име живеел во Канада. Кога властите во 1995 година го дознале неговиот вистински идентитет, тој избегал во Унгарија. Во 2011 година центарот „Симон Визентал“ во Ерусалим им обрнал на унгарските власти внимание на Чотари и неговата локација.

Минатиот јули (2012 година) Чотари конечно беше уапсен во Будимпешта и оттогаш се наоѓа во домашен притвор. Инаку, тој во Чехословачка уште во 1948 година беше осуден на смрт. Во април годинава оваа казна е претворена во казна доживотен затвор. Чотари го демантира сите обвинувања.