1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поделба на одговорноста околу Косово?

Ивица Петровиќ
6 јуни 2017

Делот од инаугурацискиот говор на Вучиќ, во кој изрази потреба од „внатрешен дијалог за Косово“, предизвика големо внимание во јавноста. Иако не се познати никакви детали, тоа не ги спречи бројните толкувања.

https://p.dw.com/p/2eB33
Spannungen zwischen Servien und Kosovo
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

За многумина споменувањето на „внатрешниот дијалог за Косово“ изгледаше како подготовка за долготрајни преговори, но има и такви кои зад тоа гледаат подготовка на домашната јавност за признавање на независноста на Косово. Посебен сомнеж предизвика, би се рекло од ништо не предизвиканата, потреба за дијалог од страна на властите, кои во изминатите 5 години на секој начин избегнуваа дијалог. Зошто новиот претседател на Србија одеднаш стана заинтересиран за внатрешен дијалог, и тоа токму на темата Косово?

Заострена ситуација

„Во моментов можеме само да претпоставуваме за конкретните мотиви за тој повик, и како тој дијалог би требало да изгледа“, вели за ДВ Владимир Трапара од Институтот за меѓународна политика и економија.

„Но, на прв поглед можеме да констатираме дека ситуацијата околу Косово е многу заострена, и оти тоа во наредниот период ќе претставува предизвик за Србија. А, од друга страна, има бројни напади врз Вучиќ од страна на патриотската опозиција поради потпишувањето на Бриселскиот договор. Кога ќе ги споиме тие две работи во една, можеме да претпоставиме дека Вучиќ би сакал да ја подели одговорноста за сѐ она што Србија во иднина ќе го преземе кога е Косово во прашање.“

Serbien Parlament in Belgrad - Amtsantritt Präsident Aleksandar Vucic | Protest
Фотографија: Reuters/M. Djurica

„Во изминатите 5 години ние немавме дијалог околу важни државни прашања и тие одлуки се донесуваа еднострано“, нагласува за ДВ Наим Лео Бешири, извршен директор на Институтот за европски работи. „Ние сега не знаеме дали ќе дојде воопшто до тој дијалог, ниту дали постои каква било визија за тоа како би требало да изгледаат односите меѓу Србија и Косово. Ние сега немаме никаков план на владата за дискусија за територијалната целовитост на земјата, а исто така не знаеме ни дали овој повик на дијалог можеби е индикација за потенцијало исфрлање на преамбулата од Уставот на мала врата.“

Цел - промена на ставот за Косово?

Наим Лео Бешири споменува дека на претседателот на Србија му е јасно оти за продолжување на дијалогот со Приштина ќе мора да има некоја поширока поддршка, бидејќи сите истражувања покажуваат дека 85 отсто од граѓаните не поддржуваат каква било форма на независност на Косово. „Одделни аналитичари велат оти тој став би можел да се промени со една добра медиумска кампања и јас мислам дека ова е почеток на таа кампања. Затоа сметам оти до тој дијалог нема да дојде и дека изјавата е лага, која служи за тоа да се преведе на англиски јазик и да се испрати до главните градови во Европска унија за да се смири политичката јавност во тие земји. Овој повик не е искрен и би рекол дека сето тоа е замислено да не биде дијалог, туку на потенцијалните учесници на дијалогот да им се понуди некое готово решение по системот - земи или остави.“

Serbien Parlament in Belgrad - Amtsantritt Präsident Aleksandar Vucic
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Преамбулата не е премногу важна

Владимир Трапара искрено се сомнева дека Западот инсистира на тоа од преамбулата на Уставот да се исфрли споменување на Косово и Метохија: „Оваа работа со преамбулата е повеќе протоколарна, која не мора да има врска со состојбата на терен или со конкретната политика која ја води Србија. Дури и кога Србија би ја исфрлила преамбулата од Уставот, тоа не би значело дека таа го признала Косово и оти се откажала од политиката која во моментов ја води. И поради тоа мислам дека тоа е причината за овој повик на дијалог. Прашањето за промена на Уставот е важно поради многу други работи, и тоа нема врска со Косово.“

Преамбулата од Уставот не е правно обврзувачка, смета Бешири и поради тоа предупредува дека постои една заблуда во јавноста. „Уставот директно се применува само кога се во прашање човековите права, а сите останати делови од Уставот се применуваат низ закони. Фактот дека некој во Уставот мора да нагласи оти некоја територија е дел од Србија зборува дека тоа можеби не е точно. Сега се поставува прашањето што со тој текст, бидејќи тој не ја отсликува реалноста. Сега мораме да видиме дали сакаме Устав кој ќе рефлектира реалност или и понатаму ќе водиме амбивалентна политика околу Косово?“

Кој ќе зборува со Вучиќ?

Ако како тест на расположение за дијалог се земат актуелните консултации околу премиерот и министерите во новата влада со претседателот на Србија Александар Вучиќ, забележливо е дека, освен членовите на владејачката коалиција, речиси никој не сака да разговара со Вучиќ. Тоа го отвора прашањето со кого Вучиќ ќе води внатрешен дијалог за Косово? Владимир Трапара оценува оти тоа ќе зависи од многу фактори: „Прво, кога тој има намера да упати официјален повик за дијалог и дали тој момент од страна на другите политички актери ќе биде виден како поволен за нив. Многу работи ќе зависат од самиот формат на тие разговори, како и за каков вид на содржина за дијалог станува збор, а многу работи и од моментите на политичката ситуација во земјата, и колку ќе останат заострени овие односи меѓу власта и опозицијата. Можно е членовите на опозицијата да бидат на некој начин принудени да го одбијат Вучиќ, бидејќи во спротивно ќе се смета како еден вид предавство на опозицијата.“

Serbien Aleksandar Vucic ist neuer Präsident
Фотографија: REUTERS/M. Djurica

Наим Лео Бешири оценува дека Александар Вучиќ во српскиот парламент е во многу подобра ситуација отколку што беше Борис Тадиќ, кога станува збор за Косово. „Мислам дека освен Демократската партија на Србија и Двери, тој тука нема да има друга опозиција, кога станува збор за односите со Косово, бидејќи мислам дека сите имаат идеја тој косовски јазол во еден момент да се пресече. Но од друга страна, не очекуваат изборите за Белград, а затоа мислам дека дијалогот ќе биде невозможен во таква политичка атмосфера, во која внимателно ќе се следи, кој соработува а кој не со Српската напредна партија“.