Погребани жртвите од нападот во Тулуз
21 март 2012На погребот на гробиштата „Хар Хаменухот“ во Ерусалим присуствуваа илјадници луѓе. Францускиот министер за надворешни работи Ален Жипе во својот говор зборуваше за „национална трагедија“ за Франција и им даде уверување на евреите во неговата земја дека државата е солидарна со нив:
„Немојте да се сомневате во нашата решителност за борба против антисемитизмот, како тој и да се изразува. Зашто, секогаш кога ќе биде навреден некој евреин, секогаш кога некој евреин ќе биде натепан или убиен, од тоа ќе биде погодена целата нација. Таа мора да реагира и тоа веднаш! Напад врз евреин во Франција не е само еврејски проблем. Не, тоа е проблем на 65 милиони Французи кои не се подготвени тоа да го прифатат. Антисемитизмот се коси со француските вредности, тој е неподнослив.“
Претседателот на израелскиот Кнесет, Реувен Ривлин, повлече паралела на убиствата во Тулуз со нападите врз Израелците на Западниот брег и ракетните напади од Појасот Газа:
„Повторно сме исправени пред овие мали, неми мртви тела, пред минијатурни гробови. Исправени сме пред тие што мразат и пред убијци чија рака масакрира без избор и без сожалување - мали деца и бебиња, татковци и нивни синови, девојчиња и момчиња. Некогаш во населбата Итамар, некогаш во Здерот, некогаш во куќа на еврјската заедница Чабад во Бомбај, некогаш во Аргентина, а овојпат во еврејското училиште во Тулуз.“
Во име на израелската влада зборуваше Ели Јишаи, министерот за внатрешни работи. Не може да се претстави колкава е болката, рече тој, додавајќи „Бог не‘ става на искушение“:
„Од француската влада очекуваме да преземе најостри мерки против злосторниците и да направи се‘ за да гарантира безбедност на сите евреи во Франција.“
Пратеникот во Кнесетот Дани Данон уште вчера (20.03) од владејачката израелска партија Ликуд побара антисемитистички мотивираните убиства ширум светот да бидат казнувани со смрт.