171109 Afghanistan Rückzug
18 ноември 2009Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле порача дека војниците на Бундесверот не можат вечно да останат во Авганистан. Во Брисел, на средбата со колегите од ЕУ, тој појасни: „Наша амбиција и цел е уште во текот на овој легислативен период да дојдеме до таму со преземањето на одговорноста од страна на авганистанските сили за безбедност, така што ќе биде можно да се постави барем временска рамка за повлекувањето на нашите војници.“
Оптимизам во истата насока донесе и најавата на министерот за одбрана, Карл Теодор цу Гутенберг, кој посочи дека очекува оти уште наредната година ќе може да се почне со повлекување на војниците од одделни региони на Авганистан. „Кога ќе чуеме дека и во НАТО има поставено таква цел, така што ќе биде можно да им ја довериме сегашната задача на авганистанските војници и полицајци. Ние сме принципилено согласни со така формулираната цел, но таа треба да биде поврзана и со критериуми коишто ќе мора да бидат исполнети...“
Поумерени тонови
Генералниот секретар на НАТО, Андрес Фог Расмусен, принципилено не исклучи дека може да има такво повлекување и тоа токму на северот од Авганистан, каде што се стационирани германските војници. Но, Расмусен исто така предупреди дека би можело да биде прерано доколку веќе сега се расправа за конкретни региони, од кои може да се повлечат војниците.
„Мораме да спроведеме темелна анализа за да бидеме сигурни дека условите ќе овозможуваат навистина пренесување на одговорноста врз авганистанските сили за безбедност. Но, според нашата привремена анализа сметам дека е реално со тој процес да почнеме следната година.“
Порака и до Кабул
Дотогаш мора да преземе нешто и новата авганистанска влада, што треба да биде инаугурирана утре (четврток 19.11.). Што очекуваат Германија и ЕУ од претседателот Хамид Карзаи и неговата нова влада заедно формулираа германските министри за надворешни и работи и за одбрана, Вестервеле и Гутенберг: „Уверени сме, а тоа не е само германски став, дека мора особено да има подобра влада, што ќе се бори со корупцијата и со криминалот, што ќе се заангажира и околу проблемот на садење растенија од кои се произведува дрога. Тоа е широк спектар на задачи и на тие полиња сакаме да видиме дела, а не да слушаме само зборови.“
Во моментов се чини и дека наскоро ќе може да се одржи најавената голема меѓународна конференција за Авганистан. Британскиот премиер Гордин Браун веќе упати покана за јануари во Лондон.
Автор: Андреас Ројтер/Горан Чутаноски
Редактор: Жана Ацеска