1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Плачеме со вас“

Кај-Александер Шолц / Е.М. Фиданоска14 ноември 2015

Германската политика по теророт во Париз реагира со сочувство и изрази на солидарност со Франција. Во текот на денот ќе се расправа за натамошните чекори.

https://p.dw.com/p/1H5jk
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Дали Германија ќе реагира со свои безбедносни мерки по терористичката ноќ во Париз се‘ уште не е јасно. Канцеларката Ангела Меркел изутринава во изјава во Берлин најави дека има намера „во текот на денот да се сретне со надлежните министри“ за да се разговара околу „ситуацијата во Франција и прашањата што од тоа произлегуваат“. Како што се дознава, министерот за внатрешни работи Томас де Мезие го откажа планираниот термин во Лајпциг и ќе учествува на средбата. На разговори треба да дојдат и министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер, министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен и вицеканцеларот Зигмар Габриел.

Кошмар од терор и страв

Меркел, видливо трогната, зборува за една од „најстрашните ноќи“ што Европа ги доживеала. Луѓето во Париз „преживеаја кошмар од насилство, терор и страв“. Изразите на сочувство Меркел ги поврза со недвосмислената најава на борба против теророт. Германците во своите чувства се многу блиски со француските пријатели, жртвите, оние што тагуваат и нивните семејства, рече Меркел, нагласувајќи: „Ние плачеме со вас“. „Нападот на слободата е упатен против сите нас, не‘ погаѓа сите и затоа ќе одговориме сите заедно“, рече канцеларката. Германија ќе им пружи секаква можна поддршка на француските безбедносни сили во потрагата по убијците. Но, одговор ќе дадат и граѓаните. „Слободниот живот е посилен од секаков терор“, рече Меркел, додавајќи: „Нашите вредности во Европа ќе ги живееме самоуверено, сега повеќе од кога и да е“.

Angela Merkel zu den Terroranschlägen in Frankreich
Меркел свика кризна средбаФотографија: Reuters/H. Hanschke

Меркел уште во текот на ноќта со писмена изјава изрази сочувство и солидарност. Министерот за надворешни работи Штајнмајер, исто така по писмен пат, нападите ги нарече „инферно на теророт“. Се‘ уште нема информации за можни германски жртви меѓу убиените во Париз.

И германскиот претседател Јоахим Гаук, кој денеска излегува со изјава пред новинарите, во писмена изјава соопшти дека е „длабоко потресен“.

Реагираа и двете најголеми цркви во Германија. Во заедничка изјава претседателот на Советот на Евангелистичката црква, Хајнрих Бедфорд-Штром и претседателот на католичката Германска бискупска конференција, кардинал Рајнхард Маркс, соопштија: „Длабоко сме потресени од бранот насилство во Париз полн со омраза“. Нападите во Париз се „напад врз сите луѓе и врз Европа“, се вели во соопштението.

Сообраќајот се одвива нормално

Полицијата во Берлин уште во текот на ноќта ги зајакна безбедносните мерки пред француските претставништва. Француската амбасада е блокирана. Знамињата се на половина копје. Граѓаните на Берлин и туристите ставаат цвеќиња пред амбасадата во знак на сочувство.

Сообраќајот меѓу Германија и Франција засега се одвива нормално. Портпаролка на Германска железница соопшти дека ништо не е променето во железничкиот сообраќај од Германија кон Франција и обратно. Истото засега важи и за летовите меѓу двете земји.