1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пицула: На дејтонскиот систем му треба ремонт

М.Максимовиќ/ А.Трајковска18 октомври 2014

Политиката ги распали тензиите на Балканот и политиката единствено може конкретно да помогне, вели за ДВ Тонино Пицула, хрватскиот пратеник во ЕП. Тој говори за Дејтонскиот договор, кој станал „лудачка кошула“.

https://p.dw.com/p/1DY4X
Фотографија: dapd

ДВ: Господине Пицула, разговоров се одвива во атмосфера кога Западниот Балкан повторно влезе во центарот на вниманието поради инцидентот на натпреварот меѓу Србија и Албанија. Колку оваа грда слика може да влијае на сѐ што досега е постигнато во процесот на нормализација и помирување во регионот?

Сигурно дека има влијание. Некој направил сериозен пропуст. Дали организаторот не предвидел сѐ, или некому му било од интерес со еден таков инцидент да се потсети колку се кревки односите меѓу земјите на Западен Балкан. Мировните процеси и стабилизацијата на односите меѓу Приштина и Белград очигледно сѐ уште не заживеале во таа мера за да произведат позитивни ефекти на ниво на улицата. Мирот честопати многу полесно може да се склучи меѓу кабинететите на премиерот и претседателот. Полесно се комуницира меѓу компаниите, економските комори, но мирот се консолидира во оној момент кога тоа ќе стане секојдневие на т.н. обични граѓани. Тоа очигледно сѐ уште не е случај и впрочем овој грд инцидент покажува колку целокупната ахитектура е посебно фрагилна.

Кога споменувате фрагилна архитектура, дали мислите конкретно на односите меѓу Белград и Приштина или во целиот регион?

Ништо не исклучувам. Ова само покажа дека дваесетина години по прекинот на воените операции во БиХ и во Хрватска или петнаесет години по завршувањето на интервенцијата на НАТО на Косово и во Србија, многу работи сѐ уште не се консолидирани во таа мерка да можеме да отидеме на фудбалски или кошаркарски натпревар, или кој и е да е друг јавен настан од меѓународен карактер, да ги земеме децата и пријателите и да се чувствувме добро со пуканки в рака. За тоа е виновна пред сѐ политиката. Политиката ги разгоре тензиите и политиката единствена тука конкретно може да помогне.

Во овој состав на Европскиот парламент се наоѓате на чело на делегацијата за БиХ и Косово. Како Вие ја оценувате моменталната внатрешна состојба во БиХ, но и на нејзиниот европски пат?

Да тргнеме од елементарниот факт дека мирот во БиХ е последица на високата политика. Високата политика го изнедри и Вашингтонскиот договор, со кој беше отворена вратата за запирање на војната во БиХ, за на крајот да се дојде до Дејтонскиот мировен договор, потпишан во Париз. Благодарејќи на високата политика и интересите на големите сили, кои повеќе не можеа да стојат настрана, беше направен провизориум кој го осигура мирот. Меѓутоа таа рамка дваесет години подоцна се докажува како лудачка кошула, како тесна рамка во која не е можно да се втемели стабилна политичка заедница, која би одговорила на елементарните барања на граѓаните. Сето она што политиката помалку или повеќе успешно го прави во консолидирани демократии, во БиХ успева многу тешко.

Последните избори во БиХ покажаа дека ништо битно не се случило и дека постојано се рециклираат истите имиња препакувани во нови називи или движења. За изборите да дадат некаков резултат, односно гарнитура политичари кои навистина можат да ги променат работите, морате прво да го смените системот. Дејтонскиот систем мора да биде променет, оти додека тоа не се смени изборите секогаш ќе даваат исти или слични имиња. Мислам дека ЕУ сега има простор да ги мотивира изборните победници да почнат да ја работат својата работа поради што граѓаните и излегуваат на избори. Во спротивно, ќе се случи изборите во БиХ всушност да се прикриен цензус, попис на населението по етничка линија, иако има елементи на плурализам. Изборите мораат да даваат политичари кои можат да ги решаваат проблемите. За тоа да биде можно, мора да се менува Дејтонскиот систем.

Во кој правац?

Ќе звучи како фраза, но тоа не ја чини помалку вистинита: прво треба да се внимава на почитување на граѓанскиот принцип, значи дека граѓаните се рамноправни каде и да живеа во БиХ. Потоа треба да се внимава на националната чувствителност. Постојат повеќе модели за релевантните политички сили да седнат и да почнат да разговараат. Не мислам дека тие лесно ќе се договорат меѓусебе, оти да е тоа така тогаш веќе би се договориле. Меѓутоа проблемот со Дејтон е тоа што тој ги конзервираше во БиХ односите кои владееја во моментот на неговото потпишување. И едноставно се рециклира една политичка класа која добро живее од несовршеноста на дејтонскиот систем. Стравувам дека без силно влијание на меѓународанта заедница, ЕУ, но и САД, кои се бабици на Дејтонскиот договор, нема да биде можен договор за тие модели. Сега е добро време за такво нешто, оти БиХ всушност и нема повеќе време. Србија напредува, Црна Гора преговара, Хрватска влезе во ЕУ и ја доведе Унијата на границата на БиХ, што не само што е можност туку и обврска да се реформира државата. Мислам дека времето е скапоцен ресурс и дека оваа гарнитура, која веројатно ќе се договори во разумно време со меѓународната заедница, ќе смисли нешто во рокот на својот мандат.

Ги слушнавме новоизбраните европски функционери, Федерика Могерини и Јоханес Хан, кои ветија дека фокусот ќе биде кон БиХ. Тоа го слушнавме пред пет години од Кетрин Ештон. Како Брисел воопшто може да ја придвижи БиХ од застој?

Насекаде е пристојно на новата власт да и‘ се дадат сто денови за да покаже какви и‘ се намерите и капацитетите да ги менува работите. Со БиХ проблемот е што не знаете кога ќе почнат тие сто денови. Претпоставувајќи дека нема да се случи срам, како после минатите избори, кога требаше речиси една година и половина за да се состави власта, се надевам дека веќе во фазата на формирањето на владејачката коалиција ќе дојде до некој договор за уставни промени. Не е можно да се види подобра и попросперитетна БиХ доколку партиите кои ќе формираат власт не договорат некои решенија. Јас заговарам иницијативата за промени да дојде од победникот, односно власта, а во некои моменти, доколку работите запрат, тогаш да интервенира и ЕУ. Тука е и делегацијата на ЕП за соработка со БиХ и Косово, на чие чело сум јас и ние нема да чекаме ни момент доколку можеме да помогнеме.

Како ја гледата улогата на Србија и Хрватска во тој процес?

Кога веќе говориме за тоа колку ќе мораме да чекаме за некој да ги реши насобраните проблеми, кој би рекол дека по доаѓањето на власт господин Вучиќ со Тачи ќе потпише документ кој отвора простор за договори и соработка еден ден? Затоа не би потценил дека оваа екипа која ги дизајнираше или помогна да се дизајнираат проблемите во и околу БиХ, може да пронајде некое добро и потрајно решение кое ќе ја оздрави и самата БиХ. Затоа велам да им дадеме можност, иако верувам дека посредувањето на меѓународната заедница ќе биде многу драгоцено - како и посредувањето на Хрватска и на Србија. Само треба да се констатира дека загрозување на државноста на БиХ не доаѓа од надвор. Тоа е голема и добра новина. Ако нешто ја загрозува државноста на БиХ, тоа се нерешените односи кои произлегуваат од системот кој е на апарати и на кој му треба сериозен ремонт.

Тонино Пицула е хрвастки социјалдемократ. поранешен министер за надворешни работи во владата на Ивица Рачан. Овој професор по социологија со години ја водеше хрватската парламентарна делегација при ОБСЕ. Денес е европски пратеник како и известувач на Европскиот парламент за БиХ и Косово.