1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Виена ја затвора балканската рута?

СН/лз,сз,сз,дс,дв,тз,ноз25 февруари 2016

Кога Австрија практично ги запечати границите,балканските земји ја следеа,така што Грција како најслаба алка во синџирот мора да се справи со десетици илјади бегалци, пишува германскиот печат по конференцијата во Виена.

https://p.dw.com/p/1I1dD
Фотографија: Reuters/L. Foeger

Анализите и коментарите во германскиот печат работите ги поставуваат на овој начин: Германија во својата бегалска политика остана осамена- Австрија како последен сојузник му заврте грб на Берлин што стана особено јасно по министерската конференција во Виена. Таму беа повикани претставници на балканските земји, но не и на Грција и на Германија, значи, почетокот и крајот на бегалската рута. На Австрија и на балканските земји им се припишува и одлуката границите да се затворат за сите освен за Сириците и за Ирачаните, а и тие да бидат пуштани селективно. Критиките се остри, на Виена ѝ се префрла дека предводи „пакт на неволни“ и од Грција созадава најголем бегалски камп во ЕУ“ („Ландесцајтунг“).

„Австрија предизвика перфидна верижна реакција“, пишува „Зарбикер цајтунг’. „Кога алпската земја практично ги запечати границите, балканските земји ја следеа, поради што Грција како најслаба алка во синџирот мора да излезе на крај со десетици илјади бегалци. На Грција ѝ се заканува да стане сцена на човечка трагедија. Земјите од монетарната унија се држеа заедно кога за време на кризата на еврото се работеше за нивните пари. А сега?“ Слично пишува и „Ное оснабрикер цатунг“ кој производството на „сакан домино-ефект“ од страна на Австрија го нарекува „срамотен“. „Најголемото бегалско движење по Втората светска војна е европски, а не национален проблем. Државите од ЕУ мораат да ѝ помогнат на преоптоварената Грција. Доколку тоа не се случи, никој повеќе нема да верува во проектот на Европа.“

Во слична насока пишува и левичарскиот „Тагесцајтунг“ кој најпрво ја критикува Виена што не се ни потрудила да воспостави дијалог со Атина. „Аргументот дека Грција само пропушта бегалци е како лош виц. Зарем другите држави на рутата постапуваат поинаку? Да се остави Грција на цедило значи свесно да се ризикуваа оваа земја потресена од криза и понатаму да остане дестабилизирана. Не изненадува тоа што Виена има тајни обожаватели од Минхен до Варшава. Заедничката стратегија за обезбедување на надворешните граници за која Берлин се залага во Брисел, додуша, не е во целост уништена со солирањато на Австрија, но е значително отежната. Тектонските плочи под Европа уште малку се помрднаа.“

Österreich Westbalkan Konferenz zur Flüchtlingskrise in Wien
Фотографија: picture-alliance/Apa/picturedesk.com/H. Fohringer

Козервативниот „Велт“ има поинаков став. Токму државите кои не ја следат политиката на Ангела Меркел можат да го намалат приливот на бегалци и толку парадоксално да ѝ обезбедат на канцеларката политичко преживување во Германија, пишува весникот. Тоа што владата во Берлин уште не воведе контингенти за прием на бегалците во „Велт“ го сметаат за „кусовидо“. „Сепак, не само кусовидото постапување на канцеларката ја турна ЕУ во егзистенцијална криза. Беззабото лаење на Европската комисија против конференцијата во Виена би морало да му покаже на секој евроскептик дека не може ни да стане збор за некаква надмоќ на Брисел. Напротив: европската куќа токму сега се распаѓа пред очите на Ангела Меркел и нема кој да ја малтериса.“

Виенскиот дневен весник „Стандард“ пишува дека постапката на Австрија и балканските земји ќе има контраефект: „Цел би требало да биде луѓето воопшто да не поаѓаат на пат бидејќи знаат дека немаат шанса да дојдат до саканата дестинација. Од друга страна, треба да се предупреди со застрашувачкото сценарио од август 2015. година, кога десетици илјади очајници останаа заглавени во Унгарија. Но владата во Виена ќе предизвика токму таков ефект и поради тоа е со право критикувана“, пишува весникот. „Новиот граничен менаџмент на Балканот нема да служи за ништо доколку Германија остане отворена, а Турција не ги запира криумчарите. Поради сликите на човечка беда кои ќе пристигнуваат од Грција, австриските министри нема да можат да истрајат во улогата на негативец која токму ја играат.“

Весникот „Штутгартер цајтунг“ концизно сумира. „Насоката е јасна: т.н. Балканска рута треба да биде затворена, а Грција да биде ставена под притисок така што на нејзина територија ќе се создаде застој. Атина треба повеќе да соработува со Анкара на чување на границите. Виена е и онака на заб со Германија и Европската комисија, најмногу поради неодамнешното воведување на контигенти за прием на бегалците. Демократијата е напорна, солидарноста досега недостасува, човечноста ретко кога популарна. Но тоа се темелите на кои стои Европа- во Виена е малку од тоа видено.“