1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Неспорно е дека ќе добиеме датум во наредниов период“

11 јуни 2019

Очекувам на средбите во Брисел да добијам целосна потврда дека заложбите на сите чинители таму се во насока нашата земја да добие датум за почеток на преговори, вели во интервју за ДВ, претседателот Стево Пендаровски.

https://p.dw.com/p/3K9fv
Stevo Pendarovski, Präsident der Republik Nord-Mazedonien
Фотографија: Pressestelle des Präsidenten der Republik Nord-Mazedonien/Foto: Tomislav Gergiev

Утре со неговиот тим на соработници заминува во работна посета на Брисел, што е негова прва официјална посета по стапувањето на претседателската функција. Македонскиот претседател Стево Пендаровски во интервју за Дојче веле ги споделува очекувањата од оваа посета, а ги презентира и неговите оценки околу најактуелното прашање - очекувањето на РСМ да добие датум за почеток на преговори со ЕУ.   

ДВ: Што очекувате од првата претседателска посета на Брисел?

Пендаровски:  Мојата прва работна посета како претседател на Република Северна Македонија е во Брисел, главниот „штаб“ на Европската Унија, на НАТО и на европските институции. Посетата носи симболична порака и е со прецизна агенда и намера да им укажеме на сите со кои ќе имаме средби, особено на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, дека Република Северна Македонија го исполни во целост својот дел од обврските. Јасно да пренесеме како ние гледаме на севкупната констелација на политичко-безбедносните аспекти и предизвици кои постојат на Западниот Балкан. Овде, првенствено мислам на аргументот дека сме единствена земја во регионот во која опозицијата е во Парламентот, единствена во која функционираат сите институции, единствена која нема ниту едно отворено прашање со соседите. Меѓутоа, не треба да се заборави и дека во регионот сè уште постојат одредени политички структури и поединци кои заговараат концепти за решавање на преостанатите проблеми, кои се не само анахронизам во 21-от век, туку претставуваат и потенцијална опасност за регионалната стабилност и безбедност.  Очекувам дека на средбите во Брисел ќе добијам целосна потврда дека заложбите на сите чинители таму, без исклучок, се во насока на тоа дека нашата земја ќе добие датум за почеток на преговорите, и тоа не само поради поширокото опкружување, туку пред сè, поради фактот дека тоа го сработивме и заслуживме.

ДВ: Но, владее неизвесност околу очекуваниот датум за преговори. Дали седниците на германскиот бундестаг, се повеќе стануваат „алиби“, отколку причина за отсуство на одлука, имајќи предвид дека „црвено“ свети и на семафорите на Франција, Холандија, Данска... Кои се причините што дури и со решен спор за името (кој претходно беше посочуван како единствена пречка на патот за ЕУ), сè уште е неизвесно дали ќе ги отвориме закатанчените врати на Унијата?

Сакам да потсетам на една политичка одлука на Германија од пред извесно време. Знаете дека Германија беше локомотивата, односно главниот поддржувач, Хрватска да стане дел од ЕУ. Во времето на приемот на Хрватска, германскиот парламент донесе одлука дека за секоја наредна земја, пред добивање на датум за преговори ќе се произнесуваат, односно ќе гласаат и за таа фаза. Важно е овде, исто така да знаете дека до овој момент ниту еден водечки европски политичар, и ниту една голема политичка партија во Европа, не е против  Северна Македонија да добие датум за почеток на преговорите. Конкретно, Германија секогаш била и уверен сум, ќе остане една од клучните држави кои ја поддржуваат Северна Македонија на патот кон нашето полноправно членство и во ЕУ, и во НАТО. Наскоро, очекувам средба со Сојузниот претседател Штајнмајер во Берлин, на која средба сум убеден дека ќе се реафирмира стратегиското сојузништво меѓу Северна Македонија и Германија. Многу е важно што ние како држава ги исполнивме и двете потребни компоненти. Свесни сме дека  одлуката за добивање датум  е условена од реформите што треба да ги спроведе  секоја држава за да добие позитивен  извештај, а потоа шефовите на државите или владите на државите членки ја носат конечна одлука за почеток на преговорите. Таа е првата компонента, и во таа смисла Извештајот кој се однесува на Северна Македонија е јасен и укажува дека нашите институции го одработиле своето. Ќе повторам само една фраза од истиот Извештај - „Македонија е светол пример во регионот...“. Ако се сеќавате, пред неколку години во еден од Извештаите добивме фраза, која и ден денеска е дел од политичкиот наратив,  кога не означија како „заробена држава“. Втората компонента е политичката волја  и тука сакам уште еднаш  да повторам дека ниту еден сериозен политички фактор во ЕУ не вели дека Северна Македонија нема да добие датум за почеток на преговори. Се разбира, секогаш постојат одредени структури на кои приоритет им е домашната политичка динамика, но овој пат гледаме јасни политички пораки кои упатуваат на позитивен исход. Сепак, најголемиот предизвик во целиот процес е времето на чекање, односно факторот трпение, а тоа е особено изразено на внатрешно политички план кај нас дома. Граѓаните на нашата земја со право бараат интензивирање на економскиот раст, отворање на можности за младите да можат да ги искористат своите потенцијали дома, за да не емигрираат поради недостаток на можности во државата, и конечно, сите  бараат ефикасни институции кои ќе бидат транспарентни и достапни за сите. Во овој момент, според мене, неспорно е дека ние ќе добиеме датум за почеток на преговори во наредниов период, прашањето е дали во нашиот поларизиран внатрешно-политички амбиент ќе биде целосно согледан фактот дека од наша страна работата е завршена, а евентуалното одлагање би се должело на прашања и процеси кои се надвор од нашето влијание. 

Stevo Pendarovski, Präsident der Republik Nord-Mazedonien
Фотографија: Pressestelle des Präsidenten der Republik Nord-Mazedonien/Foto: Tomislav Gergiev

ДВ: Францускиот претседател јасно се залага прво за „продлабочување“ на Унијата, а потоа за проширување. Но тој легитимен концепт не би требало да подразбира и игнорирање на извештаите на ЕК, кои ја исцртуваат нужната траекторија за напредокот на земјите-аспиранти. Во спротивно, какво фајде од десетта препорака за РСМ, ако датумoт за старт на преговорите и натаму остане на „off"?

Имаме доминантна политичка поддршка за добивањето на датум, а имаме и одработени реформски процеси. Се согласувам со констатациите на повеќе политичари и аналитичари дека кредибилитетот на ЕУ е под знак прашање, во смисла на искрено имплементирање на принципот на „отворени врати за земјите од Западен Балкан“, а евентуално одложување на пристапот на Северна Македонија кон интеграциите ќе ја намали вредноста на тој пристап. Да бидеме искрени, не постои никаква рационална оправданост да не добиеме датум. И, финално, да пресечам овде, отворањето на поглавјата за преговори не значи дека сме влезени во ЕУ. Со отворањето на поглавјата ние како земја само добиваме можност, отвораме перспективи за да поставиме цврсти темели за создавање на институции кои ќе ни овозможат државата да биде целосно функционална и во економска и во демократска смисла. 

ДВ: Имајќи ги предвид и најавите за октомвриска можност за добивање датум, но пред се, регионалните состојби, дали за РСМ е подобро да биде издвоена или да остане во пакет со Албанија? 

Имаме одлични релации со сите соседи, а крупните отворени прашања ги затворивме. Со Албанија конкретно споделуваме исти идеи за тоа каде е местото на нашите земји во поголемата слика и тука е сè јасно. Албанија е наш сосед и членка на НАТО, која секогаш нè поддржувала на патот кон членство во НАТО. Од денешната 2019, далеку изгледа 2008 година кога не успеавме да добиеме покана за членство во НАТО, иако бевме дел од истата Јадранска група на држави, и тоа е тој почеток на годините наречени „заробена држава“. Сметам дека пристапот земјите да се гледаат како дел од една поширока стратегиска слика е начелно добар, но во исто време, мора да се внимава на спецификите и особеностите и на секоја земја одделно. Одлично би било да го одиме патот кон ЕУ заедно со нашите пријатели од Албанија, но дали ќе беше чесно кон Албанија и нејзините граѓани некој од нив пред 10 години да побараше тие да не влегуваат во НАТО, бидејќи ние имавме проблем со Грција и дека треба и тие да почекаат додека истиот не биде решен. Остануваме партнери, имаме исти цели пред нас, конечно и Албанија доби јасна препорака, Европскиот совет да донесе позитивна одлука за да добијат датум за отпочнување на преговори и тоа треба да се случи, и за нив и за нас.

Повеќе на темата:

-„Не“ за Скопје би било крај на проширувањето на ЕУ

-Власта бара датум, опозицијата избори

-Битка за датум: Скопје не смее да извиси

ДВ: Каде ќе најдеме дополнителна мотивација за реформскиот процес, доколку не започнеме процес на преговори со ЕУ, кој е строго контролиран од целата ЕУ-машинерија по прашањето како и колку се работи на реформите? Што би било супститут за големата лупа на ЕУ?

- Тешко прашање, но исклучително легитимно. Видете, факт е дека ќе се искомплицираат работите, првенствено од политички аспект. Според мене, ќе го изгубиме оној момент на забрзување кое го имаме како единствената позитивна приказна во регионов во изминативе 2 години. На 7-ми јули, следуваат изборите во соседна Грција, кои сегашната грчка опозиција можеби ќе ги добие. Иако Нова Демократија и нејзиното водство јавно се изјаснија дека ќе го почитуваат Договорот од Преспа, ќе постои поинаква перцепција кон процесите кои ги предводеше друга политичка гарнитура, а нијансите во надворешната политика понекогаш знаат да направат разлика. Одговорот на Вашето прашање од каде ќе најдеме дополнителна мотивација е во нас самите, кога ќе мораме да градиме силни институции преку градењето на внатрешна кохезија и поширок национален и државен консензус. Нашата порака кон ЕУ е јасно испратена, тоа што се случуваше изминативе две години, односно големите историски исчекори ги направивме, бидејќи сакавме да покажеме дека политиката во нашиот регион може и треба да биде поинаква од практиките во минатото на кавги, поделби и конфликти. Без разлика кој и да е на власт, предизвиците ќе бидат исти, нема друга опција, како држава ќе продолжиме да градиме доверба и внатре и заемно со ЕУ, и ќе мораме да работиме за влез во Европската Унија.

ДВ: На ваша добронамерна изјава, добивте груба реплика од српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, што и во тамошната јавност го отвори прашањето дали подобрувањето на односите меѓу Србија и Северна Македонија е „со краток здив“. Како вие го толкувате тоа? 

- Јас не чувствувам потреба да објаснувам повторно една јасна теза дека идејата за размена на територии и народи во 2019 година е исклучително опасна и едноставно неприфатлива за нивото на кое се наоѓа светската цивилизација денеска каде било на планетава, посебно во Европа каде што по Втората светска војна беше достигнато ниво на политичка култура, интеграции и соработка без преседан во светската историја.  

Stevo Pendarovski, Präsident der Republik Nord-Mazedonien
Фотографија: Pressestelle des Präsidenten der Republik Nord-Mazedonien/Foto: Tomislav Gergiev

ДВ: „Одлучен удар" е досега најголемата вежба на Криволак на нашата Армија, а вклучува над 2.700 припадници од армии на уште пет земји сојузници. Од вежбата се испраќа порака за стабилност и безбедност во регионот. Како врховен командант на Армијата, како вие ја оценувате безбедноста на домашен и регионален план?  

- Она што е јасно е дека Северна Македонија и регионот, после нашата покана за членство во НАТО, која заслужено ја добивме, влегува во една нова фаза која сметам дека ќе продуцира повеќе стабилност и безбедност, не само кај нас дома туку и во регионот. Полноправното членство во НАТО кое наскоро го очекуваме, а кое да не заборавиме дојде после значајните демократски политички промени дома кај нас, по што направивме значајни и храбри компромиси со нашите соседи, ќе биде од исклучително значење за безбедноста на нашата земја. Во исто време, направивме неколку храбри чекори напред и кон она што јас би го нарекол ՚рбетот на внатрешната стабилност на Северна Македонија, а тоа сè добрите меѓуетнички односи. Како претседател, подготвен сум да бидам посредник на дијалогот помеѓу власта и опозицијата за сите прашања кои се од државен интерес. Само на тој начин ќе можеме на долг рок да го одржуваме прогресот на нашата земја и да ја гарантираме нашата долгорочна стабилност. Ако без добар внатрешен баланс нема ни добра надворешна политика, јасно е дека со инклузивни внатрешни политики, ќе можеме многу подобро да влијаеме и на регионалната политика и безбедност. Во согласност со моите ингеренции, со внимание ја следам ситуацијата во нашиот регион и пошироко. Постојат центри на моќ кои не се многу среќни со членството на Северна Македонија во Алијансата, а има и такви кои се обидуваат да ги искористат старите балкански митови и антагонизми, со цел, да ни го забават патот по кој одиме. Но, уверен сум дека тоа нема да им успее. Тоа не значи дека не сме претпазливи и дека не ги следиме сите регионални процеси и разните идеи, како онаа за размената на луѓе и територии. Она што е исклучително значајно и што сите треба да го разберат, е дека сите предлози и решенија за преостанатите прашања и проблеми треба да ја засилат внатрешната и регионалната безбедност, а не со решавањето на еден проблем, да бидат креирани неколку нови во регионот. Оптимист сум дека заедно со нашите клучни меѓународни партнери, ќе ги извлечеме најдобрите решенија за регионот кои ќе резултираат со долгорочна стабилност на Балканот.

ДВ: Имате споделена надлежност во сферата на надворешната политика. Кога ќе ги слушнеме вашите амбасадорски предлози за клучните дипломатски центри во светот?

- Веќе ги започнав консултациите со Владата и МНР за пополнување на испразнетите амбасадорски места, а наскоро очекувам да биде усогласена приоритетната листа на дипломатско-конзуларни претставништва  кои ќе треба да ги пополниме што поскоро. Знаете дека во моментов се испразнети повеќе од дваесетина места, што е неприфатливо и штетно за нашите надворешно политички приоритети и за угледот на државата. Пред неколку денови го потпишав указот за назначување на нашиот нов амбасадор во СР Германија за кого процедурата била завршена пред мојот избор, но неговото одење беше блокирано поради ставот на Иванов кон новото уставно име на државата. Целосното завршување на процесот ќе се одвива во неколку фази, согласно со дипломатските правила, односно постапките за добивањето на агремани и нужните подготовки пред упатувањето. Очекувам првата група на амбасадори да замине на служба на почетокот на есента. Инаку, за конкретни имиња за приоритетните ДКП сè уште немаме разговарано, но тоа ќе се случи во текот на овој месец. Согласно со уставните и законските овластувања, Владата е таа која ги предлага, а претседателот ги назначува амбасадорите на Северна Македонија, така што, во овој контекст, јас нема да се фокусирам, како што велите на „вашите амбасадорски предлози“, туку на сите кандидати, без исклучок. Принципиелно ќе настојувам да се почитуваат условите и процедурите во законот за надворешни работи и при тоа, ќе го вреднувам професионализмот и достигнувањата, како кај кариерните дипломати, така и кај останатите кандидати. Лично сметам дека дипломатската служба не смее да биде жртва на политичката борба во земјата, а состојбите што се случија во изминатите две години, не смее  да се повторат. Тој мој став е јасно изразен во мојата изборна програма со која победив на неодамнешните избори. Но, тој мој став е конзистентен и со моето професионално минато кога работев како советник за национална безбедност и надворешна политика во кабинетите на претседателите Трајковски и Црвенковски. Затоа, покрај пополнувањето на амбасадорските места, исклучително важно е да се води сметка и за професионалниот дипломатски кадар кој го испраќаме во амбасадите. Знаете, можете да го имате најспособниот амбасадор во светот за ваш претставник, но без соодветна човечка и финансиско-материјална екипираност, ќе биде тешко да очекувате позитивни резултати од негова страна.