1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

70 години ЦДУ

Фолкер Вагенер / ЕМФ26 јуни 2015

Кротење на капиталот, поддршка на работниците - гласеше кредото пред 70 години. Од тоа израсна Христијанско-демократската унија (ЦДУ). Денеска на партијата на Ангела Меркел и‘ е роденден.

https://p.dw.com/p/1FnvX
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Brandt

Што се‘ не се зборуваше за партијата - дека е премалку расположена за дебата, дека е прекатоличка, дека е здружение на старци, дека е премногу ограничена во ставовите и погледите. Точно е дека и денес градењето ставови кај демохристијаните не е отворено за јавноста, како што е тоа случај кај социјалдемократите. Но, инаку, многу други работи станаа поинакви, особено по падот на Ѕидот. Тоа што ЦДУ сега е попротестантска може да им заблагодари на источните Германци. Тоа што има повеќе жени не се должи само на Ангела Меркел, тоа е обележје на времето. ЦДУ секогаш се гледаше себеси како модерна партија. Го фаворизира средниот слој, но и работниците. Кои се нејзините најсуштински вредности? Таа во секој случај е ослободена од идеологија, не е револуционерно здружение. Таа сака да зачува, не да менува, вели политикологот Јирген В. Фалтер во интервју за ДВ. А, почетокот беше во сосема поинаков тон, порадикален.

Мотивацијата на почетокот

„Ние застапуваме христијански социјализам, кој нема ништо заедничко со погрешното колективистичко поставување цели.“ Реченицата на која денес многумина се сопнуваат потекнува од 1945 година. Тоа е реченица од „Келнските насоки“, такаречи првата партиска програма на ЦДУ. Во 1947 година се зборува за „поопштествување на рудниците“. Младешки гревови, би се рекло денес. Но, работата со социјализмот беше помалку од една епизода. „Со зборот социјализам придобиваме пет луѓе, а губиме 20“, пресмета Конрад Аденауер, кој рано стана водечка фигура. Социјалистичкиот период стана историја најдоцна во 1949 година. Капиталистичкиот економски поредок со силен социјален коректив во наредниот период стана основа за општествениот идеал на ЦДУ. Беше родено социјалниото пазарно стопанство - моделот за успех на старата сојузна република. Нејзините татковци се викаа Конрад Аденауер, првиот сојузен канцелар, и неговиот министер за економија Лудвиг Ерхард.

Прилично брзо беше направена промена и на конфесионалната ориентација. Ако ЦДУ порано беше јасно католичка, новата партија наскоро се отвори. Сакаше да биде христијанска, не само католичка. Така, партијата уште во 1947 година тргна во насока на граѓанска партија. Сепак, јадрото на партијата беше рајнско-католичко. Негов прототип: Конрад Аденауер, поранешен градоначалник на Келн и сојузен канцелар во периодот од 1949 до 1963 година. Човек со политички инстинкт и јасни претстави за целите на младата република.

Deutschland Helmut Kohl Ex-Bundeskanzler schwarz/weiß
„Стариот“ Конрад Аденауер и неговиот политички „внук“ Хелмут КолФотографија: Getty Images/Hulton Archive

Аденауер и погледот кон Запад

„Стариот“, како што сите го нарекуваа, го имаше својот политички поглед насочено строго кон Запад. Тесна соработка со САД, приклучување кон НАТО (1955), накусо: негова цел беше врзување со Западот. Најголемото достигнување на Аденауер во сферата на надворешната политика кон Исток беше тоа што успеа да ги врати дома германските воени заробеници од Советскиот Сојуз, што му донесе многу емоционална благодарност. Политиката на ориентација кон Запад тој ја темелеше на својата теорија на привлечно дејство. Понудата на Москва за неутрална целовита Германија, според негово мислење, беше само маска. Порано или подоцнаГ ерманија би била во канџите на комунизмот, беше убеден Аденауер. На тој начин ја запечати поделбата на Германија со децении.

Економски младата република во 1950-тите доживеа ера на подем. Социјалната пазарна економија донесе економски успех поврзан со социјален мир. Тоа е белег и успех на ЦДУ до денес.

Менаџирањето на Кол во насока на единство

Уште повеќе слава неколку децении подоцна ожнеа еден друг политичар на ЦДУ. Ако уште Аденауер беше сметан за човек од дејство, тоа Хелмут Кол беше и тоа како. Неговото менаџирање на германското обединување наиде на признание дури и кај неговите противници. Авторитетот на Кол како канцелар и лидер на ЦДУ во 1989 година, по шест години мандат, беше нагризан. Но од неочекуваната историска прилика, која произлезе од слабостите на ГДР и нејзината сила заштитиник - СССР, како и моќта на „улицата“, тој знаеше да направи капитал и со тоа си обезбеди засекогаш место во историските учебници. Можеби неговите претходници на местото канцелар, кои доаѓаа од редовите на СПД - Вили Брант со политиката кон Исток и Хелмут Шмит како кризен менаџер во времето на терор на РАФ - постигнаа многу, но реализацијата на германското обединување без еден единствен истрел, во краток рок и рамо до рамо со силите победнички од Втората светска војна, беше извонреден настан во политичката историја на Германија по 1945. година. Со сето тоа диригираше пред се‘ Хелмут Кол, човекот кој долго беше потценуван.

Неговиот политички успех во четирите легислативни периоди во кои беше канцелар може да се објасни и психолошки. Секогаш мора да се биде до луѓето, ја учеше Кол постојано својата партија. И тоа вртење кон „стомакот“ на општесвото е една од причините поради кои ЦДУ во 80-тите и 90-тите години имаше толкава прифатеност од страна на граѓаните.

Deutschland Parteien CDU Parteitag in Hannover Vorbereitungen
Фотографија: Reuters

70 години - партија на шефови

Тоа сега веќе 10 години и‘ успева на неговата наследничка Ангела Меркел. И тоа и покрај фактот што Меркел во многу работи е контра-модел на Кол. Но, имаат многу сличности ако се прават споредби во делот на способностите за владеење. Меркел знае како мајсторски, со малку наредби и режирање, да ги држи мирни и партијата и владата. Сите природни политички противници ги прогони во безначајност. Таа раководи стриктно и непречено, исто како и Аденауер и Кол. Некои велат дека силна страна на ЦДУ е моќно владеење. Други пак критикуваат дека во партијата нема доволно култура за дебата и дека културата на раководење со Унијата е автократска.

Ангела Меркел наредната година ќе го надмине Аденауер по годините на функција. Кол исто така долго време беше канцелар и лидер на партијата. ЦДУ со децении поминува со само неколкумина лидери, додека во исто време лидерите на СПД се менуваа едно по друго. ЦДУ е за континуитет, таа повеќе сака да зачува, не да менува.