Папата лично ги води велигденските церемонии во Ватикан
11 април 2004На просторот пред базиликата “Свети Петар” во Ватикан денеска Папата ја држи велигденската миса на која ќе го искаже и традиционалниот благослов “Урби ет орби”, што е кулминација на чествувањате на празникот. Папата на еден подиум беше донесен на мисата и остава впечаток на замор од претходните активности. Присуствуваат десетици, можеби и стотина илјади верници од целиот свет.
Се’ се одвива под најстроги мерки за безбедност од страв од можни атентати. За денеска мерките се и дополнително заострени. Воздушниот простор над италијанскиот главен град е затворен за цивилен сообраќај. Меѓу верниците се и 1000 полицајци во цивилна облека. Наоколу се распоредени снајперисти, а целата церемонија е надгледувана и со многубројни камери.
Папата Јован Павле Втори, во сослужение на 24 кардинали, синоќа лично ја водеше Мисата на воскреснувањето во базиликата Свети Петар. 83-годишниот поглавар на католичката црква ја запали свеќата и го благослови пламенот што треба да го симболизира воскреснувањето Исусово. Илјадници луѓе ја исполнија ватиканската базилика и со своите запалени свеќи ја претворија во море од светлина. За време на тричасовната церемонија Папата покрсти 6-мина возрасни од Италија, Того и Јапонија. И синоќа посетителите беа строго контролирани, а целиот ден хеликоптери го надлетуваа Ватикан. Папата во оваа пригода не се задржа на политички теми, но набљудувачи очекуваат тој денеска да зборува пред се’ за војната во Ирак и да упати апел за мир до сите страни во конфликтот. Папата уште пред избувнувањето на војната предупреди на далекусежните последици од вооружен поход во Ирак.