1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Flut Pakistan heute

27 јули 2011

Пред една година Пакистан се соочи со една од најголемите поплави во својата историја. Многу луѓе ги загубија животите во природната катастрофа, која зад себе остави пустош. Државата потфрли во справувањето со поплавата.

https://p.dw.com/p/1250Q
Фотографија: DW

Реката Индус е вистински благослов за Пакистан. Но, кога минатото лето се претвори во клетва, претседателот Асиф Али Зардари беше на европска турнеја. Шефот на државата не гледаше причина да ја прекине посетата, додека неговата земја тонеше. Пакистан ја доживеа најстрашната природна катастрофа од основањето на земјата во 1947 година. По невообичаено обилните монсунски дождови, водостојот на Индус и нејзините притоки драматично се зголеми. Несопирливата водена маса преплави цели градови и села во северниот дел на земјата, пред да се упати на југ и да заврши во Арапското Море.

Најмалку две илјади лица го загубија животот, два милиона куќи беа уништени, училишта, мостови и улици беа збришани како играчки. Според информации на ОН, една година подоцна, околу 16 милиони жители на Пакистан се` уште зависат од надворешна помош. Најпогодено е пред се` сиромашното селско население. Зошто луѓето не се кренат против неспособната бирократија и корумпираните политичари?

Flooding in Punjab Province, Pakistan
Обновата по катастрофалната поплава ќе трае со години, сметаат експертитеФотографија: UN Photo/Evan Schneider

Во војна со себе

Експертката за Пакистан, Фарзана Шаик од Лондон, вели дека без сомнение една година по природната катастрофа, земјата се` уште се наоѓа во многу лоша состојба. Таа истовремено нагласува дека на Пакистан треба да се гледа како на земја со многу длабоко вкоренета олигархија. „Таа олигархија е доволно силна, за и покрај сите катастрофи, да го спаси Пакистан од целосен колапс“, нагласува Фарзана. Но, уште колку долго ќе успеваат во тоа? И за соборените диктатори Бен Али од Тунис или Мубарак од Египет се сметаше дека се длабоко вкоренети, со помош на клановите околу себе.

Фарзана Шаик, која и самата потекнува од Пакистан, во разговорот со Дојче веле претставува темна слика за својата татковина. Земјата станува уште поконзервативна и се` повеќе се отвора кон „милитантниот исламизам“, нагласува Шаик. Политичарката не се осмелува да прогнозира. „Пакистан е земја, која е во војна со самата себе. Во моментов многу е тешко да се каже кој ќе победи“, вели таа.

Pakistan Flutkatastrophe Überschwemmung Folgen Jamshoro
Многу домови уште не се обновениФотографија: DW

Тоа дојде до израз и при поплавите минатата година. Додека државата бавно доставуваше помош, во првите редови беа армијата и организации за помош на ислимистичките партии. Владата и државните служби за справување со катастрофи потфрлија во справувањето со кризата.

Поплавата од минатата година само уште повеќе ги нагласи социјалните нееднаквости во Пакистан. Несамостојните станаа уште понесамостојни. Цените на прехранбените производи и горивото скокнаа до небо. Стопанството живурка. Пакистан зависи од милоста на странските донатори. Светската банка и Банката за развој на Азија сметаат дека штетите од поплавата изнесуваат шест милијарди евра, а обновата најверојатно ќе трае со години.

Автор: Сандра Петерсман/Трајче Тосев

Редактор: Горан Чутаноски