Пакистан во криза. Колку ќе издржи Мушараф
5 ноември 2007
„Франкфутер алгемајне цајтунг„ кризата во Пакистан вака ја посматра:
„Во Исламабад се урна куќата од карти на демократијата и стабилноста што ја градеше Вашингтон околу Первез Мушараф. Непосредно пред воведувањето вонредна состојба, министерката за надворешни работи Кондолиза Рајс уште еднаш на претседателот генерал му рече дека не смее да се оддалечи од уставниот пат. Сега владее беспомошност. Дури и по ваквата состојба, Вашингтон продолжува во Пакистан да гледа бедем против исламо-фашизмот, но не се размислува за тоа на Мушараф да му ја укине финансиската помош„.
На истата тема „Зиддојче цајтунг„ коментира:
„Би бил најлошиот сон за Запад, ако оваа битка ја добијат исламистите и да дојдат во посед на атомска бомба. Секој што сака тоа да го спречи ќе мора да биде сигурен дека има силна поддршка. Од тие причини, Мушараф својот најнов удар против демократијата го брани со неопходноста од војната против тероризмот. Меѓутоа, притоа има еден проблем: никој веќе не може да му верува„.
„Тагесцајтунг„ од Берлин смета дека на Мушараф му се гледа крајот:
„Сега цивилното општество му го врти грбот на Мушараф. Тој, како и многумина диктатори, ќе биде жртва на сопствената несреќа. Како да нема полни раце работа со заканувачкиот фронт на исламистите, сега си произведе нови непријатели. Прашање на време е кога неговата моќна заштита – армијата - ќе сфати дека нејзините интереси и оние на нивниот командант не се секогаш исти„.