1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Пресуда за истакнувањето македонско знаме во Гелзенкирхен

ЕМФ
24 септември 2017

Судот во Гелзенкирхен донесе пресуда по тужбата на двајца навивачи на Шалке во врска со инцидентите по истакнувањето на македонското знаме на натпреварот против ПАОК во 2013 година.

https://p.dw.com/p/2kbfl
Polizeieinsatz im Schalke-Fanblock
Интервенцијата на полицијата, според судот, е во ред -на фотографијата сцена од акцијата на полицијата во август 2013 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Управниот суд во Гелзенкирхен ја отфрли тужбата на двајца навивачи на фудбалскиот клуб Шалке 04, кои бараа судот да утврди дека полициската акција испровоцирана од истакнувањето на македонско знаме на натпреварот против ПАОК Солун била незаконска. Порталот специјализиран за правни прашања Legal Tribune Online ја објавува пресудата и за случајот пишува:

„Двајцата навивачи за време на квалификациониот натпревар од Лигата на шампиони меѓу ФК Шалке 04 и грчки ПАОК Солун на 21 август 2013 година, биле на северната трибина на Арената, во блокот на т.н. Ултраси. Тоа се навивачи кои од една страна се познати по својот голем ангажман, но од друга страна паѓаат в очи и по негативни работи, како провокации или дури и насилство. За време на натпреварот лица во оваа група навивачи држеа банер од македонски клуб кој е спријателен со Ултрасите. На него беше прикажана 'ѕвездата од Вергина' - златна 16-крака ѕвезда на црвена позадина. Тој симбол беше составен дел на првото знаме на државата Македонија, кое не беше признато од страна на Грција. Банерот, како што тврди полицијата, ги испровицирал грчките навивачи толку, што тие се заканиле дека ќе навлезат во делот каде што се фановите на Шалке.

Полицијата потоа донесла одлука да го отстрани банерот од навивачкиот блок на Шалке. Претходно биле направени неколку неуспешни обиди да се натераат Ултрасите да го симнат банерот. При интервенцијата на полициските сили во блокот на Шалке потоа доаѓа до жесток судир со гледачите во тој дел, а полициските службеници употребија палки и спреј.

Судот смета дека постапките на полицијата биле законски. Според сознанијата кои ги имал до тој момент, раководителот на полициските сили оценил дека може да бидат доведени во опасност животите на гледачите. Иако опасноста произлегувала од грчките навивачи, Ултрасите на Шалке со право биле проценети како непосредна закана, затоа што им било познато провокативното дејство на банерот и тие свесно се изложиле на заканите на грчките навивачи. Нема правни задршки околу на употребата на палки и спреј, кои во прва линија биле реакција на масивните телесни напади од страна на Ултрасите.“

За немилите слики од 2103 година да не се повторат, полицијата во Гелзенкирхен годинава ги презеде сите можни мерки, уверуваа во февруари 2017-та полициски претставници на прес-конференција пред новото гостување на ПАОК во рамките на УЕФА Европа Лигата. Магазинот за фудбал Вестлајн“ тогаш коментираше: „Ане Хазелхаус-Шреер (претседателка на полицијата во Гелзенкирхен, н.з.) стави јасно до знаење дека покажувањето на македонското знаме не претставува кривично дело и мора да биде прифатено од сите. За таа цел полицијата во Гелзенкирхен за натпреварот напиша 'писмо за навивачите' на германски и грчки јазик... Точно е дека во моментот на интервенцијата е важно спречување на опасност, поради тоа што по правило тогаш и нема време за долго истражување... Само што, полицијата потоа, кога дојдоа нови сознанија требаше да биде попаметна и да се извини или да признае дека е направена погрешна проценка. Ова последново дојде денеска, иако доцна и индиректно. Знамето е и беше легално. Нема забрана за знамето, нема повторно потклекнување пред некои вжештени глави меѓу гостинските навивачи. Благодариме за тоа!"