1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охридското Езеро ги зближува Македонците и Албанците

20 јули 2009

Македонија и Албанија, трите града - Охрид, Струга и Поградец, ги зближува Охридското Езеро. По ерата на студената војна и по визната либерализација, протокот на луѓе, стока и капитал во пограничниот регион расте.

https://p.dw.com/p/IsXO
Фотографија: picture-alliance/ dpa

По падот на режимот на Енвер Хоџа во Албанија и демократските процеси во Македонија веќе ништо не е исто.Откако и едните и другите видоа како е таму преку езерото, започнаа бизнис релациите. Едни патуваат во Македонија, други во Албанија, а се‘ почесто двете земји се интересни како туристички дестинации. Регионалните и локалните врски се далеку пред државните официјални односи. Владите во Скопје и Тирана најитно надлежностите врз Охридско Езеро и управувањето со него треба да им го доделат на локалните власти, сметаат тие.

Така езерото ќе се заштити од рибокрадците и понатамошното деградирање, смета градоначалникот на Поградец, Артан Шкмби: „Мислам дека ингеренциите за плажите на Охридското Езеро и за риболовот треба да паднат на локалната самоуправа и се‘ додека тоа го држат централните власти и нивните инспектори, тешко дека тоа ќе се забрани и спречи. Ние сакаме да им кажеме на двете влади дека сме многу поблиски отколку што мислат.“

Слично размислува и градоначалникот на Охрид, Александар Петрески: „Граѓаните кои што живеат во трите града се многу поблиски по душа и размислување и многу лесно ќе се договориме, не е добро се‘ да решаваат Скопје и Тирана. Затоа, пораката е дека е крајно време да продолжи децентрализацијата.“

Hotel Hotel Desaret Ohrid
Фотографија: IMPORT

По деветтипат годинава се одржа манифестацијата Денот на езерото, овојпат во Струга. Домаќинот – градоначалникот Рамиз Мерко, вели дека крајно време е да профункционира бродската линија по езерото: „Да го пробиеме мразот. Еден ден да тргнеме и да ги посетиме заедно трите града со брод. Направени се сите технички предуслови. Сега треба само министрите за транспорт од двете земји да седнат и да го потпишат овој меѓудржавен договор.“

Желбите се да се изгради пруга

Жителите и локалните власти од двете страни на езерото посакуваат што побрзо да се поврзат со пруга, а обновата на една патна делница е веќе реалност, потврдува Мерко: „Поврзување со пругата Кичево–Лин, која ќе и‘ овозможи на Струга и Македонија непречен пристап до сите пристаништа во Албанија. Владата на Албанија веќе издвоила 30 милиони евра за изградба на патот кој минува покрај брегот на Охридско езеро, од Ќафа Сан до Поградец.“

Biljanini Ohrid See, Mazedonien
Билјанини извориФотографија: Petar Stojanovski

Се‘ погласни се барањата и за отворање нов граничен премин меѓу двете земји: „Меѓу Струга и Поградец или Радожда и Лин. Преминот е навистина потребен и го скратува патот за прошетка и за се‘ друго меѓу двете земји.“

Но, за да се развива регионот, потреби се пари, особено сега во време на глобална криза. Разработана е регионална стратегија за соработка меѓу двете земји и влечење средства за заеднички проекти од фондовите на Европската унија, смета градоначалникот на Струга Рамиз Мерко: „Зборувавме за проект од околу 50 илјади евра за развој на туризмот. Парите дооаѓаат преку ИПА програмата. Такви проекти за соработка ќе има многу повеќе преку Европската унија. Мислам дека токму затоа е потребно ова доближување. “

Општините овој период го користат за подигнување на капацитетите на локалните власти и невладиниот сектор.

Позитивната клима е присутна. Сега треба да зајакне довербата меѓу луѓето. Градоначалниците одамна го сторија тој чекор. Мерко потврдува дека тие се гледаат и надвор од протколот и заедно пијат кафе.


Автор: Милчо Јовановски

Редактор: Александра Трајковска