1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Офанзива на шарм на Дуда во Берлин

Бартош Дудек / превод: ЕМФ29 август 2015

При посетата на Берлин полскиот претседател го изненади својот домаќин. Стравовите од ново студено доба во германско-полските односи не се потврдија, оценува Бартош Дудек.

https://p.dw.com/p/1GNlA
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Првата посета не служи за веднаш да се зафатат тешките прашања. Таа служи пред се‘ за човек да се запознае и да создаде основа за натамошни контакти. Така погледнато, посетата на Анджеј Дуда на германскиот претседател Јоахим Гаук и канцеларката Ангела Меркел ја исполни својата цел. Кај двајцата домаќини олеснувањето беше видливо. Гаук зборуваше за „блиска, фамилијарна средба“, а Дуда за „важна и добра“ средба и „позитивни изгледи за иднина“.

Позитивно изненадување

Дуда својата посета на Берлин ја подготвуваше и со медиумска офанзива на шарм, која кај набљудувачите предизвика чувство на олеснување. Така, полскиот претседател во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ се дефинираше себеси како „пријател на Германија“, кој „едноставно ја сака Германија“. За весникот „Ди Велт“ Дуда рече дека германско-полските односи за него претставуваат „лична задача“. Претставниците на германскиот печат - меѓу кои дури и главниот уредник на најтиражниот германски булеварски весник “Билд“ - кои деновиве ја побараа претседателската палата во Варшава, се чудат: речититот штитеник на Качински не е тврдоглаво убеден само во своето, туку е човек отворен кон светот кој „ја разбира Германија“ и кој своите ставови може дури и уверливо да ги презентира.

Dudek Bartosz Kommentarbild App
Бартош Дудек

Од новиот полски претседател на произлегува опасност за важните германско-полски односи. Сепак, позитивната атмосфера и љубезните зборови не треба да залажуваат дека нема и разлики меѓу Дуда и неговите домаќини.

Дуда, кој согласно полскиот Устав има право на збор во надворешната и безбедносната политика, има намера да врши притисок за трајно стационирање на големи единици на НАТО во Полска. Тоа е табу за германската влада, која сака да се држи до ветувањето дадено на Русија од 90-тите години на минатиот век, со што би требало да се спречи натамошна ескалација на состојбата.

Разликите остануваат

Многу конфликтен потенцијал се крие и во енергетската политика која ја форсира Берлин, а која ,според Дуда, ги става во подредена положба полските термоцентрали. Тука треба да се додаде и полскиот став околу политиката кон бегалците, која видливо ги иритира германските политичари. Дуда не сака прием на бегалци од Африка и Блискиот Исток со аргумент дека Полска би морала да биде подготвена за евентуален бран од илјадници украински бегалци доколку политичката состојба во соседната земја се влоши.

Засега, меѓутоа, политички Берлни може да здивне. Рундата на запознавање успеа. Но, разликите остануваат. Ако национално-конзервативниот табор победи на парламентарните избори во Полска на 26 октомври, тие разлики ќе станат уште поголеми. Тогаш симпатичниот „пријател на Германија“, Анджеј Дуда, би можел да биде многу важен за Берлин.