Осудени на договор
13 ноември 2013Распоредот за преговорите е јасен. Барем на хартија. Работните групи со партиски експерти сега ги договараат важните прашања, а дискусијата треба да заврши до 27 ноември. Предвидено е последните три дена од преговорите да почнуваат напладне, без ограничувања на завршувањето. Доколку договорот не се постигне дотогаш, останува како резерва и 28 ноември. Веќе на 29. закажан е голем годишен бал за новинарите во Берлин. Политичарите се надеваат дека тогаш ќе имаат што да прослават.
Така гласи теоријата. Но, секој кој малку подобро ќе ги разгледа досегашните резултати од преговорите има право на сомнеж. На партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) и на Социјалдемократите им претстои уште многу работа за до 29. ноември да создадат одржлива програма за германската влада и да укажат на насоката во која Германија ќе се движи во следните четири години. Засега се’ е матно. Постигнат е договор за насоките во енергетската политика и прогласена е намерата да се запре растот на кириите, но вести за големите проекти нема.
Клучните прашања- табу тема!
За суштинските теми, како воведувањето минимална плата на сојузно ниво, пензии, даноци, патарини, двојно државјанство или образование - сѐ е и натаму отворено. За проблеми говорат и информациите кои допираат до јавноста. Наводно, токму неделава избила вистинска бура на состанокот на работната група за семејство и израмнување на данокот. Дискусијата за хомосексуалните бракови е прекината, а нејзиното продолжение е неизвесно. Генералната секретарка на СПД, Андреа Налес, говореше за сериозни судири, а тоа е необично затоа што вообичаено нејзината улога е да шири оптимизам.
Таквите судири можат да бидат фатални за „големата коалиција“. За време на изборите, двете партии правеа сѐ за да ги нагласат меѓусебните разлики. Сега се осудени на договор. Не е случајно тоа што канцеларката Ангела Меркел и претседателот на СПД Зигмар Габриел од пред три недели редовно се фотографираат заедно. Прашање е дали тоа ќе биде доволно за да се постигне договор.
Партиските програми на партиите на Унијата и на СПД, во одредени сегменти, се со километри оддалечени едни од други. Сега е неопходно да се усогласат. Тешко е да се поверува дека договорот ќе биде нешто повеќе од барање најмал заеднички именител. Во завршницата на преговорите сите спорни теми ќе бидат ставени во ист кош и на крајот ќе следи ценкање како на пазар. Нема да има одлучни потези ниту вистински визии - најважна ќе биде моќта и обидите да се сочува политичкиот образ.
Меѓутоа, СПД ризикува и повеќе од тоа: околу половина милион членови на таа партија ќе го имаат последниот збор што се однесува до влезот во големата коалиција со ЦДУ-ЦСУ. Тие ќе гласаат за тоа, а резултатите треба да бидат објавени до 15 декември. Што доколку членството каже „не“? За тоа никој во Берлин не сака да размислува.