Остри реакции во САД по смртта на Вормбиер
20 јуни 2017Веста за смртта на 22-годишниот американски студент во Синсинати, во сојузната држава Охајо, ја објавија членовите на неговото семејство. Вормбиер во 2016. година ја посети Северна Кореја, каде планирал да помине пет дена во разгледување на знаменитости. Меѓутоа, неговата посета се претвори во 17-месечна затворска казна, за време на која тој, како што верува неговото семејство, бил подложен на измачување за време на кое паднал во кома. Една недела по враќањето во САД со тешки повреди на мозокот, студентот почина.
Американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон, кој помагаше во напорите да се ослободи Вормбиер, рече оти САД ја сметаат Северна Кореја за одговорна за неправедно затворање. Севернокорејската влада изјави дека Вормбиер паднал во кома откако се разболел од ботулизам и пиел апчиња за спиење во март 2016. година, но американските лекари тврдат оти не пронашле никакви докази за таа болест.
„Ајде јасно да ги изложиме фактите: Ото Вормбиер, американски граѓанин, е убиен од страна на режимот на Ким Јонг Ун“, рече сенаторот Џон Мекејн. Претседателот Доналд Трамп пак го осуди „бруталниот режим“ во Пјонгјанг и изрази жалење за загубата на момчето кое било „во најубавите години“. Тој истакна дека „лоши работи“ се случувале со Вормбиер, но сепак се успеало тој да биде вратен дома „кај неговите родители“. Претседателот му изрази длабоко сочувство на семејството на починатиот студент
.