1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставка подари бришењето на борењето од Олимпијадите

Александар Методијев/ап/бета16 февруари 2013

Шефот на Меѓународната боречка федерација денеска поднесе оставка како одговор на потегот на Меѓународниот олимписки комитет да го отстрани борењето од листата на сигурни спортски натпревари на идните Олимпијади.

https://p.dw.com/p/17fNC
Фотографија: Getty Images

Заминувањето на Швајцарецот Рафаел Мартинети се случи на состанокот на Извршниот комитет на ФИЛА во Пукет, Тајланд и е потврдено од членот на ФИЛА Ненад Лаковиќ. Мартинети беше на чело на Меѓународната боречка федерација од 2002 година.

Претходно оваа недела Меѓународниот олимписки комитет го отстрани борењето од листата спортови кои ќе имаат загарнтиран дел од следните летни Олимпијади. Тоа значи дека овој спорт ќе мора да се бори со други спортови за свое место во програмата.

FILA-Präsidenten Raphael Martinetti
Рафаел Мартинети, претседател во заминување на ФИЛАФотографија: picture-alliance/dpa

Извршниот директор на американската боречка федерација Рич Бендер изјави дека заминувањето на Мартинети „овозможува меѓународното борење да се промени и унапреди“, како и дека тоа е шанса „да се создаде нов и свеж однос“ со Меѓународниот олимписки комитет.

Бидејќи борењето повеќе не е дел од основните олимписки спортови, тоа ќе мора да се натпреварува со седум други – бејзбол и софтбол, сквош, карате, скијање на вода (вејкбординг), екстремно планинарење, спортови на ролерки и боречката вештина вушу. За сите овие спортови има само едно место на Олимписките игри кои ќе се одржат во 2020 година. Одлуката кој од нив ќе го заземе последното место за учество на Олимпијадата ќе биде донесена на состанокот на Меѓународниот олимписки комитет во Санкт Петербург, Русија, во мај оваа година.

Iran Wrestling
Борењето било дел од олимпијадите во античка Грција, но и од првата модерна ОлимпијадаФотографија: Rob Carr/Getty Images

Борењето е еден од најстарите олимписки спортови, кој беше на програмата од првата модерна Олимпијада во 1896 година. Борењето било дел и од древните Олимписки игри во античка Грција од 708 година пред новата ера. На последните Олимписки игри во Лондон се натпреваруваа 344 спортисти во борење – во 11 дисциплини во слободен и во седум дисциплини во грчко-римски стил.

Последните спортови кои се отстранети од програмата на Олимпијадата се бејзболот и софтболот во 2005 година, а во програмата за Олимпијадата во Рио де Женеиро во 2016 година се вклучени голфот и рагбито.