Осомничениот Едати ги брани сопартијците
16 февруари 2014Поранешнот пратеник во Бундестагот Себастијан Едати (на насловната фотографија) негира дека добил укажувања дека против него државното обвинителство водело истрага. Наводно, тој реагирал на информациите во германските медиум од ноември минатата година за „фирма од Канада“, која од тамошните власти била обвинета за поврзаност со детска порнографија, рече Едати за „Шпигел“.
Случајот Едати доведе до затегнување на односите меѓу партиите на големата владина коалција во Берлин. Како министер за внатрешни работи во претходниот владин состав Ханс-Петер Фридрих од Христијано социјална унија, во октомври на маргините на коалиционите преговори го информирал раководството на СПД, дека името Едати се појавило во рамки на маѓународна истрага. Измината недела Фридрих беше критикуван за оддавање на службена тајна и мораше да поднесе оставка на функцијата министер за земјоделство, која ја извршуваше во актуелната влада. Партијата на Фридрих, ЦСУ реагираше разлутено, особено против претседателот на пратеничката група на СПД, Томас Оперман, кој во јавноста обелодени за добиената информација од Фридрих. Шефот на ЦСУ Хорст Зехофер на партискиот конгрес во Бамберг жестоко го критикуваше коалициониот партнер СПД и го обвини за „дрдорливост“.
Во изминатите денови се шпекулираше дека Едати рано дознал за заканувачкиот процес, бидејќи го врати својот мандат во Бундестагот, а истражните органи во неговиот стан и неговата канцеларија конфискуваа речиси само уште уништени хард дискови. Едати сега нагласи дека не добил никакви инсајдерски информации. Тој се присетил дека од фирмата „пред повеќе години добил материјал, кој сосем јасно го сметал за легален“, по што консултирал адвокат.
Дали однесувањето е казниво?
Едати во Канада купил филмови и фотографии со необлечени момчиња. Државното обвинителство од Хановер води истрага против него поради обвинувања кои се „на граница“ на детска порнографија. Официјално не е докажано дека е сторено кривично дело.
Во интервјуто за „Шпигел“ Едати ги негираше информациите, дека пред да биде извршен претрес во неговиот дом уништил докази. Однесувањето на државното обвинителство го оцени како „страшно“: Тие не му префрлувале кривично дело, но тоа не ги спречувало „од детали од легално однесување да направат предмет на пресконференција“, смета Едати.
Оперман и Габриел: Од СПД немаше предупредување
Исто така Оперман уште еднаш потврди дека Едати не бил информиран од неговата партија. Оперман „бил многу свесен за експлозивноста на информациите од господин Фридрих“ и „во секој поглед се однесувал согласно со законот“, изјави политичарот од СПД за „Билд ам зонтаг“. Оставката на министерот за земјоделство ја оцени како „горчлива и трагична“. Соборениот министер Фридрих меѓутоа во Бамберг го обвини Оперман за целен маневар за одвлекување на вниманието, за да ја спаси сопствената кариера.
Претходно и претседателот на СПД Зигмар Габриел јавно увери дека ниту тој ниту министерот за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер на Едати не му пренеле информации за истрага против него. Во тоа тој е „апсолутно сигурен“, рече Габриел.
За наследникот на Фридрих, шефот на ЦСУ Зехофер ќе одлучи утре. За ресорот замјоделство во моментов во Баварија се споменуваат имињата на Доротее Бер и Марлене Мортлер.