1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Основачки конгрес на Европската партија на Зелените - "Европа заслужи нешто подобро"

20 февруари 2004
https://p.dw.com/p/AdIQ
33 еколошки партии од сегашните и идни земји на ЕУ, но и од Швајцарија, Русија и Грузија, ќе учествуваат на основачкиот конгрес што ќе започне вечер во Рим, а на крајот, в недела, треба свечено да биде потпишана основачката повелба на новата Европска партија на зелените. Прва цел на обединетите Зелени е што поуспешен настап на претстојните избори за Европскиот парламент.
Во Европската партија најголема поединечна членка се германските Зелени со 46 илјади членови, а најмала група се 50-те Зелени од Естонија. Европската треба да им даде нови импулси и на националните партии, оти Зелените се во криза во многу земји, па во моментов во Европа има само 4 "зелени" министри - еден во Летонија и тројца во Германија. Едниот од нив - германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер во говорот вечер на отворањето на основачкиот конгрес ќе ги набележи принципите на надворешно-политичкиот курс на Европските Зелени.
Прва цел на обединетите екологисти е успешен настап на претстојните избори за Европскиот парламент. Со 44 од вкупно 626 пратеници, сега тие се петта најголема фракција таму, по демохристијаните, социјалдемократите, либералите и левицата - но затоа, пак, една од најактивните, предводена од Германецот Даниел Кон- Бендит, во Европарламентот претставник на француските Зелени и неспорно водечката личност на фракцијата. Таа во Европарламентот настапува како хомогена група, со јасен содржински профил, зашто европските Зелени имаат многу заеднички теми: "Прашањето на основните права, рамноправноста на жените, демилитаризацијата, европскиот одговор на глобализацијата, прашањето на меѓународните режими и земањето предвид на социјалната димензија во Европа", набројува Јоханес Фогенхубер од Австрија. Во основа тоа е зелениот каталог на досегашната ЕУ. Со нејзиното проширување Зелените, посебно во источноевропските земји, мора да се ориентираат и кон друга проблематика - како на пример здрава исхрана или заштита на природната околина. За полските Зелени на прво место е борбата против корупцијата, но тие се и решително проевропски ориентирани: "Ние сме за устав на ЕУ. Во тој поглед секако сме единствената вистински проевропска партија во Полска", вели Магдалена Мошјевич, претседател на партијата формирана пред само пет месеци.
Но, во Полска и во другите земји што на 1-ви мај ќе и' пристапат на ЕУ Зелените тешко дека ќе "протуркаат" некој од своите кандидати на изборите. Само австриските и германските Зелени можат да се надеваат на двоцифрен процент на освоени гласови.
Германија е единствената од сегашните и идните земји на ЕУ во која Зелените сега учествуваат во власта. Затоа, не е случајно што во Берлин се подготвува првата заедничка предизборна кампања на Европските зелени. За прв пат една европска партиска формација ќе има идентични изборни плакати во сите држави на Унијата. Еден од нив ги прикажува, пријателски насмеани, италијанскиот премиер Силвио Берлускони, неговиот шпански колега Хозе Мариа Азнар и австрискиот десничарски популист Јерг Хајдер, а под тоа е напишан слоганот на Зелените: "Европа заслужи нешто подобро".