1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ослободените воени набљудувачи на ОБСЕ пречекани во Берлин

ЖА/дв/дпа/афп/ртре4 мај 2014

По една недела помината во рацете на проруските сепаратисти во источна Украина, ослободените набљудувачи на ОБСЕ пристигнаа во Берлин, каде ги пречека германската министерка за одбрана, Урсула фон дер Лајен

https://p.dw.com/p/1BtWP
Фотографија: Reuters

Воените набљудувачи на ОБСЕ, меѓу кои четворица Германци, кои една недела поминаа во заточеништво кај проруските сепаратисти, пристигнаа синоќа во Берлин. Во тимот има и еден Чех, еден Данец и еден Полјак. Петмината Украинци, кои исто така беа ослободени, според извори од Бундесверот, биле пренесени по ослободувањето во Киев. Еден Швеѓанец поради здравствени причини беше ослободен уште пред неколку дена.

Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен ги пречека воените набљудувачи на ОБСЕ заедно со своите колеги од Чешка и Данска, Мартин Стропницки и Николаи Вамен, како и со претставници од Полска и Шведска. Министерката изрази олеснување поради одлободувањето на набљудувачите и длабока благодарност за меѓународната соработка во рамките на ОБСЕ. Предводникот на тимот на ОБСЕ, германскиот полковник Аксел Шнајдер (на фотографијата лево покрај министерката), посведочи за тешки борби. Ноќеска пред заминувањето набљудувачите се наоѓале „среде оган“. #links

„Радосни сме што ги гледаме нашите најблиски. До претходната ноќ не се надевавме на тоа. Тензијата беше преголема. По нападот на владините трупи врз проруските сеператисти, престрелките беа се‘ поблиску до нас, а ние бевме принудени на мирување“, изјави тој.

Проруските сепаратисти во градот Славјанск во источна Украина пред една недела ги заробија воените набљудувачи на ОБСЕ. Прорускиот шеф на милициите Вјечеслав Пономарјов прво ги нарече „воени заробеници“, но потоа се премисли и за него беа „гости“. Вчера набљудувачите му беа предадени на рускиот специјален пратеник на претседателот Путин, Владимир Лукин, по што беа пренесени под заштита на ОБСЕ.