1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалСоединети Американски Држави

Уапсен осомничениот стрелец од Чикаго

ЖА / агенции
5 јули 2022

По крвавиот оружен напад со шест жртви на парада по повод Денот на независноста на САД во предградие на Чикаго, фатен е осомничениот стрелец.

https://p.dw.com/p/4DetY
Chicago: Schüsse bei Parade zum 4. Juli
Фотографија: Nam Y. Huh/AP/picture alliance

По кратка потера по неговиот автомобил, напаѓачот е уапсен без инциденти, соопшти шефот на полицијата во Хајланд Парк, Лу Џогмен синоќа. Полицијата, по крвопролевањето со шест мртви, организирала итна потрага по осомничениот Роберт Кримо, означувајќи го за исклучително опасен.

Оружениот напад во Хајланд Парк за време на свеченостите по повод 4-ти јули, американскиот Ден на независноста, во целата земја предизвика шок. Убиени се шест луѓе, а околу 25 на возраст од осум до 85 години се ранети од куршуми. Напаѓачот, како што соопшти полицијата, пукал во насобраните луѓе од покривот на една продавница.

„Сѐ укажува на тоа дека тој целно стрелал во посетителите на парадата, добро сокриен“, изјави Кристофер Ковел, портпарол на безбедносните сили.

Chicago: Schüsse bei Parade zum 4. Juli
Подмолен напад врз посетители на парада Фотографија: WLS/ABC7/REUTERS

Неколку часа по нападот, полицијата го објави идентитетот на стрелецот и негова фотографија. Кримо самиот себеси се нарекувал музичар, а според американските медиуми, на интернет платформите порано често објавувал насилни содржини. Весникот „Чикаго трибјун“ извести дека Кримо постирал меѓу другото и видео клип на кој бил прикажан стрелец и застрелани луѓе, проследено со порака: „Морам едноставно да го направам тоа, никој не може да ме запре, ни јас самиот.“

Американскиот претседател Џо Бајден изрази шокираност поради бесмисленото  оружено насилство,  заблагодарувајќи им се на полицајците и испраќајќи пораки за скоро закрепнување до ранетите. Бајден укажа и на неодамна лесно заостреното право за носење оружје, тешко постигнат минимален компромис меѓу неговите Демократи и  опозиционите Републиканци,  со дополнување дека на тој план има уште многу да се направи. „Нема да се откажам од борбата против епидемијата на оружено насилство“, истакна претседателот.

Во изминатите недели САД беа арена на серија крвави напади со оружје. Во средината на мај 18-годишник во основно училиште во тексашкото гратче  Увалде уби 19 деца и две наставнички. Десет дена претходно, 18-годишно момче во супермаркет во Буфало, сојузната држава Њујорк, застрела десет лица од расистички мотиви.