1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасна калкулација на Ердоган

Даниел Хајнрих/сн17 август 2015

Реџеп Таип Ердоган е неприкосновен владетел на Турција. Тој и по цена на војна радо би вовел претседателски систем, ама тоа не му поаѓа од рака. А и неговите сојузници полека го губат трпението

https://p.dw.com/p/1GGL2
Фотографија: Getty Images/G. Tan

Не е изненадување дека во Турција пропаднаа коалициските преговори меѓу исламско-конзервативната АКП и републиканската ЦХП партија.

Постојат преголеми политички разлики помеѓу нив, а имаше малку волја навистина да дојде до создавање на коалиција.

За Кристијан Бракел, шефот на истанбулската канцеларија на фондацијата Хајнрих Бел, тоа значи само едно: „Нови избори се практично неизбежни.“

Досега владејачката АКП, додуша, може да преговара и за коалиција со националистичката партија МХП, ама шансите за договор се еднакви на нула. Тоа само може да го израдува претседателот Реџеп Таип Ердоган. Тој сака во Турција да се воведе претседателски демократски ситем, на чие чело би бил тој самиот, но за такво нешто му е потребна промена на уставот. На неговата партија АКП затоа и’ е потребно двотретинско мнозинство во парламентот. Но ќе донесат ли новите избори таков резултат?

Бракел смета оти Ердоган се пресметал бидејќи е тешко да се поверува дека исходот од новите избори би можел да биде поинаков од оној на парламентарните избори во јуни. „АКП повторно ќе победи убедливо, но нема да има апсолутно мнозинство.“

Türkei Soldaten auf Patrouille in der Provinz Sirnak
Фотографија: picture-alliance/epa

Со бомби до изборна победа

Сепак, Ердоган се’ уште верува дека е можно да дојде до голема победа. И така турската војска со недели ја бомбардира курдската милиција во северен Ирак и во Сирија. Курдската организација ПКК возвраќа со терористички напади. Војната која траеше со десетлетија и која однесе 40.000 животи во еден момент повторно се најде на политичката сцена, иако двете страни во 2013. договорија примирје.Мировниот процес не ја запре поларизацијата на Турција. Од една страна се симпатизерите на претседателот и националисти. За нив забранетата ПКК е виновна за ескалација на насилството. За нив е оправдано користењето на сите средства во борба против Курдската работничка партија. Од друга страна се Курдите. Нивното главно обвинение на сметка на Ердоган гласи оти тој го жртвувал мировниот процес поради победа на новите избори.

Двете страни имаат право во своите интерпретации, смета Бракел. „Јасно е дека ПКК го прекина примирјето.“ Тој вели оти нападите на ПКК јасно можат да се дефинираат како тероризам. Сепак, турската влада во своите напади на одмазда ги преминала границите: „Бранот апсења и бомбардирањето на позициите на ПКК, што го започна Анкара, претставува разгорување на конфликтот, а зад сето тоа стојат внатрешно-политички цели.“

Повлекување на германските ракети Патриот

Влогот кој Ердоган го стави на маса во оваа партија покер е премногу голем. А тоа предизвикува непријатност и кај неговите партнери. Германската влада одлучи од Турција да ги повлече своите ракетни системи од типот Патриот, вклучувајќи ги и 250 војници од Бундесверот кои ги опслужуваа системите. Овие ракети уште во 2012. беа стационирани во Турција како заштита од можни напади од Сирија.

Формалното образложение на владата во Берлин гласи дека таа опасност повеќе не постои. Многу поверојатно е објаснувањето оти Берлин не сака да биде вовлечен во војната меѓу Турција и Курдите. Курдските милиции инаку важат за сојузници на Запад во борба против т.н. Исламска држава.

Тешки времиња за германско-турските односи

Изгледа дека Ердоган не е свесен за тоа дека расположението на сојузниците кон него се менува. Или му е сеедно поради тоа: „Турција не е банана-република“, упати порака во насока на Берлин во минатата недела.

Türkei Patriot Einsatz der Bundeswehr
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Причината за неговото лутење е тоа што поранешниот обвинител и поборник на забранетото движење Ѓулен, Зекерија Уз, кој падна во немилост, преку Грузија и Ерменија побегна во Германија. Ердоган најави дека доколку Уз не биде екстрадиран, Турција повеќе нема да им излегува пресрет на барањата за екстрадиција кои пристигнуваат од германските власти.

Кристијан Бракел верува дека за германско-турските односи претстојуваат тешки моменти. „Оваа изјава на Ердоган претставува нов степен на реторичка ескалација.“ Односите меѓу двете земји и онака со години одат по надолна линија. „Работите се’ уште функционираат, меѓутоа, од последните изјави на претседателот Ердоган може да се забележи колкав потенцијал за конфликти сѐ уште има.“