ОН: Ситуацијата на Рохингите катастрофална
14 септември 2017Најмоќното тело на Обединетите нации во Њујорк изрази „голема загриженост“ поради употребата на „прекумерно насилство“ во воените операции против малцинството Рохинга. Во изјавата на Советот за безбедност 15-те земји членки бараат и пристап за хуманитарните организации до луѓето кои се во нужда.
Ова е прво изјаснување на Советот за безбедност во врска со конфликтот во Мјанмар. Се расправаше зад затворени врати. Етиопскиот амбасадор во ОН, Текеда Алему, кој во моментот е претседавач со СБ, изјави дека имало „многу широка размена на мислења“.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го зацврсти обвинувањето на комесарот за човекови права Зеид Ра-ад Ал Хусеин, кој оцени дека нападите на армијата се „параден пример за етничко чистење“. „Има ли подобар опис ако се знае дека една третина од припадниците на Рохинга мораат да бегаат од земјата?“, праша Гутереш. Според него, актуелната ситуација со Рохингите е „катастрофална“. Тој истовремено побара од „сите земји да преземат сѐ што е во нивна можност за да се пружи хуманитарна помош“.
Конфликтот меѓу Рохинга-бунтовниците и армијата на Мјанмар се зголемува со години. Ескалираше на крајот на август. Оттогаш во борбите се убиени стотици луѓе, а илјадници избегаа во соседен Бангладеш.