1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Олимпијада што ќе остане во паметење

30 август 2004

Раскошната завршница во Атина е една страна на медалот. Другата се пак огромните мерки за безбедност, политичките демонстрации и допинг скандалите, кои сепак фрлија сенка врз 28-мите Олимписките игри

https://p.dw.com/p/AemD
Фотографија: AP

Светот може да здивне. Не затоа што конечно минаа возбудувањата и напнатоста во борбата за медали. Прикажаните спортски достигнувања беа премногу фасцинантни за да не пожалиме што ќе ги снема од нашето секојдневие. Според податоците на Меѓународниот олимписки комитет, интересот за Олимписките игри пораснал на највисоко ниво до сега. Дури 10 до 20 проценти повеќе ТВ гледачи ширум светот го следеле враќањето на Олимпијадата во нејзината прататковина.

Светот може да здивне затоа што Атина успеа да го сочува митскиот олимписки мир, што остана како завет од старите грчки градови-држави, кои за време на Олимписките игри ги прекинуваа сите непријателства. Посебна улога во тоа има откажувањето на американскиот министер за надворешни работи Колин Пауел од доаѓањето на завршницата на Игрите. Провокацијата на моќ навистина не би му соодветствувала на духот на Олимписките игри.

Затоа на секаде низ главниот град беше видливо присуството на грчката полиција, која успешно балансираше за да не го наруши свечениот карактер на Игрите. Тоа очигледно и појде од рака, бидејќи младежта на светот навечер можеше непречено да прави голема “парти“ во подножјето на Акропол. Тоа е нормална Олимпијада! Со ваквото тешко балансирање ќе биде соочена и Германија, кога за две години ќе биде домаќин на Светското првенство во футбал. Тоа е цената што Западниот свет во меѓувреме мора да ја плати поради зголемената опасност од терористички напади.

Олеснувањето беше, меѓутоа, видливо и поради една друга причина, имено, изостана организацискиот хаос, од кој многумина сериозно стравуваа уште на само неколку недели пред почетокот на Игрите. На крајот сите, почнувајќи од атлетичарите, преку функционерите и претставниците на медиумите, па се до посетителите можеа да упатат пофалби на сметка на организаторите. Изостана дури и веќе “прославениот“ сообраќаен хаос во грчкиот главен град. Благодарејќи на подобрените метро и трамвајски линии, како и модернизираните сообраќајници на кои имаше посебна лента за учесниците на Олимписките игри, никој не мораше да ги стиска палците и за да стигне на натпреварот. Ваквото видливо подобрување на инфраструктурата на Атина секако е една од трајните и големи придобивки од Олимписките игри за грчкото население. Но, огромните инвестиции во стадионите и другите спортски борилишта можеби сепак ќе им го загорчуваат животот на обичните граѓани уште подлго време поради големото државно задолжување.

Се на се, враќањето на Олимписките гри во нивната прататковина им донесе голем углед на Грците. Само да не беа уште и срамните допинг скандали на домашните спортисти. Цели 7 години имаа Грците за да го искоренат допингот во своите редови, но тие изгледа не ги слушнаа доволно јасно зборовите на претседателот на Меѓународниот Олимписки комитет, Жак Рог, дека ќе има нула толеранција за сите грешници на овој план. Откриените 20 случаи може да создадат впечаток дека врвниот спорт се наоѓа кусо пред капитулација. Но, тоа може да се толкува и како зрак на надеж дека со доаѓањето на медицинарот Жак Рог на чело на Олимпискиот комитет, борбата против користењето недозволени средства конечно ќе добие вистинска веродостојност.

И за крај уште нешто: овие игри покажаа дека наредните, 29-те не се селат само просторно на азискиот континент. Кина, во вкупниот пласман на нациите се најде веднаш по спортската велесила САД. Јапонија го утростручи бројот освоени медали во однос на жетвата од Сиднеј. А Кореја се чини дека демнее и го чека својот миг. Светот на спортот очигледно исто се наоѓа пред создавање нов поредок!