1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Олимпијада, фудбалски Мундијал, Ф1... - спортска 2010-та

27 декември 2010

Светското првенство во фудбал и Зимските олимписки игри беа најзначајните настани во спортската 2010. Шпанија за првпат седна на фудбалскиот, а Американците се вратија на кошаркарскиот трон по пауза од 16 години.

https://p.dw.com/p/QhKG

Шпанија ја освои фудбалската круна. По победата на Европското првенство во 2008-та, Шпанците за првпат стигнаа и до светската титула во Јужна Африка. Во финалето „црвената фурија“ ја совлада Холандија со 1:0 по продолженијата. Андрес Иниеста беше стрелец на златниот погодок. „Ова е неверојатно. Ова не’ чинеше многу сила и енергија и воопшто не беше лесно. Но, да се победи на светското првенство, тоа се случува само еднаш“.

Spanien Weltmeister WM Fußball Feier Madrid Siegesfeier Flash-Galerieiesta
Пехарот на ФИФА за првпат пристигна во ШпанијаФотографија: AP

Најдобар фудбал на турнирот секако играа Шпанците, но покрај нив се истакнаа и Холанѓаните и Германците кои стигнаа до третото место. Победите од 4:1 над Англија во осминафиналето и четвртфиналниот триумф од 4:0 над Аргентина беа ѕвездени моменти на германскиот фудбал. Селекторот Јоаким Лев со право беше горд на своите избраници. „Мораме да бидеме задоволни од она што го покажавме, со нашата офанзивна игра, нашата храброст и ризикот кој го преземавме. Мислам дека и навивачите треба да бидат задоволни, со оглед на тоа што ние не бевме тим кој се брани, туку игравме многу офанзивно“, оцени Лев.

Се чини, тимот на Лев ја загуби храброста единствено во полуфиналето против Шпанија кое го загубија со 1:0. Победата од 3:2 против Уругвај во борбата за третото место беше мала утеха за пропуштената можност да се биде светски првак.

Крајот на годината го одбележа и изненадувачката одлука на бордот на ФИФА да им ја додели организацијата на светските првенства во 2018 и 2022 година на Русија и на Катар.

Бајерн и Борусија си ја „поделија“ сезоната

На домашната сцена, првиот дел од фудбалското првенство му припадна на Бајерн Минхен. Тимот на Луис Ван Гал ги освои првенството, купот и стигна до финалето на Лигата на Шампионите каде загуби од милански Интер со 2:0. За успесите на баварскиот тим говори најдобриот млад играч на Мундијалот, Томас Милер: „Тренерот воведе нов концепт, кој ние го усвоивме чекор по чекор. Се разбира дека притоа имаме и извонредни индивидуалци. Имаме одличен тимски дух и работиме еден за друг. Тоа е клучот на нашиот успех“.

Flash-Galerie Fussballrückblick 2010
Томас Милер беше прогласен за најдобар млад фудбалер на шампионатотФотографија: picture alliance / dpa

Вториот дел од сезоната го одбележа доминацијата на Борусија Дортмунд. Избраниците на Јирген Клоп одиграа извонреден прв дел и ја обезбедија есенската титула на две кола пред крајот. „Се’ уште не сме постигнале ништо особено, така да немаме некоја посебна причина за радост. Во секој случај, добро е што стигнавме до ова ниво, но ни претстои уште многу работа. Можеше да биде и многу полошо“, претпазлив е Клоп.

Нојер и Риш блескаа на Олимпијадата во Ванкувер

Вториот голем настан во годината што изминува беше Зимската олимпијада во Ванкувер. Потпретседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах извлече позитивен заклучок од игрите во Канада. „Можеме да бидеме многу задоволни со Игрите во Канада, но исто така и со успесите на нашите германски олимпијци, на кои треба да бидеме горди“.

Olympia 2010 Biathlon Neuner Hauswald
Магдалена Нојнер (во средина) беше најуспешна германска олимпијка во ВанкуверФотографија: AP

Во севкупниот пласман Германија го освои второто место со 10 освоени златни медали, зад домаќинот Канада. Најуспешен германски натпреварувач беше бијатлонката Магдалена Нојер, која, по освоените три медали, се откажа од шансата и за четврто одличје во штафетата. „Завршив со олимпијадата. Освоив два златни и еден сребрен медал. Тоа е сосема доволно“.

Двојна олимписка победничка беше и алпската скијачка Марија Риш. Таа триумфираше во слалом и во комбинација. „Ова е неверојатно. Постигнав нешто што им тргнало од рака на само две германски скијачки пред мене. За мене е огромна чест да застанам рамо до рамо со една Катја Зајцингер или Рози Митермајер. Многу сум горда на ова што го постигнав“, рече Риш.

Норвешката бијатлонка Марит Бјерген со три златни и еден сребрен медал беше најуспешниот натпреварувач во Ванкувер.

Катастрофата на Контадор и успесите на Надал

Колку малку е потребно во спортот за од врвот да се падне на дното најдобро покажа случајот на шпанскиот велосипедист Алберто Контадор. Во јули Шпанецот по третпат победи на Тур Д Франс. Но, на крајот на септември беше откриено дека не успеал да го мине допинг тестот за време на трката. Контадор тврдеше дека е невин. „Медицинската комисија на Меѓународната велосипедска федерација веќе ми издаде потврда дека се работи за труење со храна. Јас бев жртва на труење со храна. Резултатите од моите тестови на Тур Д Франс создадоа афера која многу ме вознемири“, изјавуваше Контадор, кој подоцна доби двегодишна суспензија.

Alberto Contador Tour de France Doping NO FLASH
Алберто Контадор беше трагичар на сезонатаФотографија: AP

На тениските терени продолжи доминацијата на Рафаел Надал. Шпанецот победи на Ролан Гарос, Вимблдон и на Отвореното првенство на САД, освојувајќи три од четирите грен-слем турнири. Тој убедливо води на ранг-листата пред големиот ривал, Швајцарецот Роже Федерер кој го освои турнирот во Австралија.

„За мене Роже секогаш бил пример, меѓу другото и затоа што успеваше да напредува постојано за време на кариерата. Тој едноставно не може да биде копиран. Не сакам да разговарам за тоа дали сум подобар од Роже, затоа што не мислам така“, велеше Надал.

Нова ера во Формула 1

Sebastian Vettel Weltmeister
Новото „чудо“ од Германија: Себастијан ФетелФотографија: AP

Нова ера е на повидок во Формула 1. Германецот Себастијан Фетел ја освои титулата со изненадувачка победа на последната трка во сезоната во Абу Даби, иако претходно беше на третото место. Со 23 години и 134 дена, Фетел стана најмладиот светски првак во историјата. И неколку дена подоцна тој се уште не можеше да поверува во големиот успех.

„Се’ се случува толку брзо и јас се уште не можам да поверувам во тоа. Полека сфаќам што постигнав, но ќе ми биде потребно уште време“.

На светското првенство во кошарка за мажи, кое се одржа во Турција, триумфираше селекцијата на САД. По 16 години пауза, Американците се вратија на тронот по убедливата победа над домаќинот во финалето. До бронзата стигна селекцијата на Литванија, која во малото финале ја совлада Србија. Најдобар играч на турнирот беше НБА-звездата Кевин Дурант.

Автор: Штефан Нестлер/ Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска