Олимпијада: подвиг на Брита Штефен
15 август 2008Германската пливачка Брита Штефен го освои златниот олимписки медал на патеката од 100 метри слободно, иако за финалето се пласира со шести по вредност резултат од полуфиналните трки. На половина од патеката уште беше на последно место, но со фантастичен финиш стигна до победата. Иастовремено Штефен постигна и европски рекорд во таа дисциплина. Ова е прв златен медал за Германците во пливање на игрите во Пекинг, и прв германски златен олимписки трофеј во пливање за последните 16 години.
Германските претставници освоија златен медал и во дресурно јавање екипно. „Супер-горди сме оти и покрај сите сомневања овде го освоивме златниот медал. Тоа е сензационално“, рече Изабел Верт, дел од тимот во кој беа и Хајке Кемер и Надин Капелман. Од 1976-та година наваму златниот медал во дресурно јавање е „резервиран“ исклучиво за германските претставници!
Борачот во грчко-римски Мирко Енглих освои сребро, откако загуби во финалето од Русинот Чустов, што беше како реприза на финалето од европското првенство годинава. Кристине Бринкер стигна до бронза во стрелаштво во дисиплината глинени гулаби.
Американецот Мајкл Фелпс се закити и со шестиот златен медал на оваа олимпијада победувајќи во пливачката дисциплина 200 метри мешано - како и во претходните случаи, со нов светски рекорд.
Во меѓувреме на олимпијадата се откриени уште два случаја на допинг. На Ким Јонг-Су, претставничка на Северна Кореја, ќе и’ бидат одземени двата медала во стрелаштво. Позитивен тест имаше и една виетнамска гимнастичарка.