ОИ и ЕП-фудбал контра стравот и теророт
2 јануари 2016Олимпијада на Копакабана и европско првенство во фудбал кај „гран насион“ - љубителите на спортот со големо задоволство ги очекуваат двата големи спортски настана во 2016. година. Летните олимписки игри во Рио де Жанеиро (5. - 21. август) и ЕП во фудбал (10.06. - 10.07.) во десет француски градови треба не само да донесат воодушевување и забава, туку домаќините Бразил и Франција сакаат со тоа и да му противречат на стравот од теророт на Исламската држава (ИД). По терористичките напади во Париз од 13. ноември, непречен тек на ЕП треба да гарантира големо присуство на војска и полиција.
По светски, Германија и европски првак во фудбал?
По освојувањето на титулата светски првак во 2014 во Бразил, германските љубители на фудбалот се надеваат годинава да доживеат нова „летна бајка“, оти избраниците на сојузниот тренер Јоахим „Јоги“ Лев ќе јуришаат и на европскиот врв. Први пречки до четвртата европска титула, во рамките на групата, ќе бидат Полска, Украина и Северна Ирска.
Финалето ќе се игра на 10. јули на Стад д’Франс во Сен Дени, на оној стадион пред кој беа извршени напади вечерта на 13. ноември (насловна фотографија), додека во него се играше пријателската средба меѓу Франција и Германија. Таа вечер во Париз во повеќе напади од терористите беа убиени 130 лица, а повеќе од 350 беа ранети. За селекторот Лев и за менаџерот на репрезентацијата Оливер Бирхоф затоа темата безбедност доби ново значење во подготовките за ЕП. Ќе бидат преземени „мерки кои ќе донесат промени за навивачите, новинарите и за нас“, рече Бирхоф.
Пред ЕП германската репрезентација ќе има 4 тест-натпревари: на 26. март против Англија, три дена подоцна против Италија, а уште не се дефинитивно утврдени противниците за последните средби на крајот на мај и на почетокот на јуни.
И на ОИ во Рио тероризмот приоритетна тема
Бразил, навистина, географски е многу оддалечен од Европа, но и таму ги имаат истите грижи. „Тероризмот е страв број 1“, призна Жозе Мариано Белтраме, најодговорен за прашањата на безбедноста во бразилската федерална држава Рио де Жанеиро. Но, тој ги охрабрува олимписките фанови: „Бразил досега не се соочи со тероризам, но ние ја третираме таа тема со највисок приоритет“. На врвот на агендата се и темите за еколошка заштита, како и несигурното финансирање на олимпијадата.
По откажувањето на кандидатурата на Хамбург за домаќин на олимпијадата во 2024 (така решија граѓаните на референдум - н.з.), германските олимпијци во Рио треба на Сојузното министерство за внатрешни работи, главен финансисер на германскиот спорт, да му дадат силни аргументи за голема поддршка на спортот. За тоа се нужни повеќе златни медали отколку 11-те од претходната олимпијада во Лондон. Толку малку златни медали за Германија пред тоа имаше во Сеул 1988. година, на последната летна олимпијада пред германското повторно обединување.
Први возбудувања ќе донесе ЕП во ракомет
Годинава ќе се одржат околу 30 европски и 40 светски првенства во разни спортови. Германските ракометари сонуваат за успех на ЕП од 17. до 31. јануари во Полска, првата од големите годинашни спортски манифестации. Тие би сакале да се надоврзат на поранешните сјајни времиња на германскиот ракомет, но имаат тешка задача во групата, во која се и Шпанија, Шведска и Словенија. Во никој случај не е полесна ни задачата на репрезентацијата на Македонија, која за противници во групата ги има Франција, Полска и Србија.
Мај ќе биде месец на решенија во фудбалот: на 14. се игра последното коло во Бундеслигата, една недела подоцна е финалето на германскиот куп, а на 28. мај е финалето на Лигата на шампионите. Во идеален случај Бајерн од Минхен би можел да слави тројна круна.
Ферари ќе ја разбие доминацијата на Мерцедес во Ф-1?
По доминацијата на Мерцедес и во 2015. година, за првенството во автомобилизам формула еден од клучна важност е тој тим да добие вистинска конкуренција. Тоа би можел да биде тимот на Ферари, а кај возачите Луис Хамилтон ќе ја брани титулата од нападите на неговиот тимски колега Нико Розберг и четирикратниот светски првак Себастијан Фетел. Светското првенство во формула еден стартува на 23. март во Мелбурн, а последна од предвидените 21 трка е на 27. ноември во Абу Даби.
Европските првенства во двата „главни“ олимписки спорта - атлетика и пливање - ќе бидат и најважен тест за формата на учесниците пред олимпијадата во Рио. Пливачите од континентов ќе се натпреваруваат во мај, а атлетичарите на почетокот на јули во Амстердам.