1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Олимпијада во Атина: Германците уште “земаат залет”

16 август 2004
https://p.dw.com/p/AemY
Синоќешните олимписки херои - пливачите од јужноафриканската шатафета го слават сензационалниот успех
Синоќешните олимписки херои - пливачите од јужноафриканската шатафета го слават сензационалниот успехФотографија: AP

Олимписките игри денеска завлегоа во третиот натпреварувачки ден. Во претпладневните денешни натпревари Германката Ивон Бениш на турнирот во џудо во категоријата до 57 килограми забележа победа против олимписката шампионка од Сиднеј Изабел Фернандез од Шпанија и се пласира за четвртфиналето.

Во бадминтон германската женска двојка Никол Гретер-Јулијане Шенкз абележаа лесна победа против јужноафриканските претставнички Едвардс и Ботс (15:0, 15:0).

Мечувачелот Петер Јопих е во осминафиналето во флорет по победата над Египќанецот Нагати. Андре Веселс е елиминиран од Кореанецот Парк Хе Кјонг.

На ракометниот турнир Јужна Кореја ја совлада Русија со 35 спрема 32.

Да ги спомнеме синоќешни олимписки шампиони: во средиштето на вниманието секако е машката пливачка штафета на Јужна Африка 4 пати по 100 метри слободно, која победи со нов светски рекорд и зад себе ги остави Американците, кои дури го загубија и дуелот за второто место од холандската штафета. Австралијката Петриа Томас е победничка на 100 метри пеперутка, пред Отилиа Једжејчак од Полска и шампионката од Сиднеј Инге до Бројн од Холандија.

На 100 метри градно кај мажите златен олимписки медал за светскиот првак, Јапонецот Козуке Китаџима. За Американецот Брендан Хансен само сребрен медал, а бронза за Французинот Иг Дибоск. Германските претставници Јенс Крупа и Рене Колонко беа елиминирани во полуфиналето. Французинката Лор Маноду победи на 400 метри слободно со време подобро од досегашниот, 15 години стар рекорд на Германката Анке Меринг, во тоа време уште претставничка на тогашната Источна Германија. Отилија Једжејчак и овде се закити со сребро, а бронзениот трофеј го освои Американката Кејтлин Сандено. Трикратната светска првенка Хана Штокбауер од Германија сосем потфрли и воопшто не се квалификува за финалето.

Турскиот претставник во кревање тегови Халил Мутлу го освои својот трет последовен златен олимписки медал во категоријата до 56 килограми. Неговиот сонародник Седат Артуч се закити со бронза, а за среброто се избори Кинезот Ву Мејџин.

Унгарката Тимеа Наѓи е шампионка во мечување во дисциплината сабја, во која беше најдобра и пред 4 години во Сиднеј. Во финалето во Атина таа ја совлада Лора Флесел Соловик од Франција, а бронзата отиде во рацете на нејзината соанродничка Морин Нисима, која во четфртфиналето ја елиминира германската претставничка Инге Дуплицер. Во оваа дисциплина настапија и Клаудија Бокел и Брита Хајдеман и беа елиминирани во раната фаза.

Сензационална победа синоќа остварија кошаркарите на Порторико проив САД со 92 спрема 73. Тоа е прв пораз на Американците на олимпијадите од 1988-ма година.

На фудбалскиот турнир Ирак и Аргентина се првите екипи што обезбедија пласман во четфртфиналето. Аргенина е двократен олимписки вицешампион, но резултатите на Ирак се вистинска сензација: по Португалија 4 спрема 2, Ирак ја совлада и Костарика со 2 спрема 0. Србија и Црна Гора е веќе елиминирана, по два катасрофални пораза 6 спрема 0 од Аргентина и 5 спрема 1 од Австралија. Пред елиминација е и Грција по поразот од Мали со 2 спрема 0. За домаќинот ова доаѓа како отрезнување или студен туш по еуфоријата што настана со освојувањето на титулата европски првак на неодамна одржаното првенство во Португалија.

Во прегледов на настаните го одбележуваме и убавиот успех на машката селекција на Германија во хокеј на трева - победата против силниот Пакистан со 2 спрема 1.

Во пинг-понг Торбен Возик е елиминиран од Холанѓанецот Кеен.

Германија досега во билансот од Атина има еден сребрен и еден бронзен медал. Уште еден германски спортист, всушност, освои сребро, но настапувајќи за друга земја: Митја Цастро, пред 3 години германски првак во пливање на 100 метри слободно, не гледајќи шанса во Германија да биде номиниран за игрите, се реши да земе холандско државјанство и како член на штафетата 4 пати по 100 метри синоќа се закити со сребрен трофеј.

Дисциплинската комисија на Меѓународниот олимписки комиет (ИОК) претпладнето го започна сослушувањето во случајот со грчките спринтери Костас Кентерас и Екатерини Тану, но тие не се појавија пред комисијата, па сослушувањето е одложено за в среда. Откако избегнаа појавување на допинг-контрола и пријавија сообраќајна несреќа, за која постојат сомневања дека е фингирана, тие беа привремено суспендирани од нивниот Национален олимписки комитет, но само до дефинитивното решение од Дисциплинската комисија на ИОК.

Другите спортски настани во длабока сенка на олимпијадата

Во фудбалската Бундеслига се одигра второто коло. Изненадувањето го приреди Херта која му одзема бод на Баерн во Минхен. Гостите од Берлин дури водеа со 1 спрема 0, а на крајот резултатот е нерешен 1 спрема 1. “Ние имаме квалитет да му приредиме непријатност и на Баерн” - изјави теренерот на Херта Фалко Гец. Неговиот колега од клупата на Баерн Феликс Магат беше лошо расположен: “Се разбира, бев многу разочаран во првиот дел и севкупно поинаку си го замислував. Вторто полувреме сепак малку ме смири”.

Шампионот и победник на Купот Вердер Бремен гази токму шампионски: единствен е со две победи на стартот. Во второто коло во Росток ја совлада Ханза со 4 спрема 0. “Ние имаме добри напаѓачи, мора да се констатира. Среќни сме поради тоа” – прокоментира тренерот Томас Шааф, кој очигледно најде решенија за шпицот на нападот по заминувањето на првиот голгетер Аилтон. Бразилецот и натаму без постигнат првенствен гол во дресот на Шалке, но затоа пак Гералд Асамоа два пати ја затресе мрежата во натпреварот во кој Шалке го совлада Кајзерслаутерн со 2 спрема 1.

Добро се држи на стартот повратникот во првата лига Нирнберг: прво победа на гости кај Кајзерслаутерн, сега дома нерешено против Штутгарт, чии амбиции во првенството се големи. Резултатот е 1 спрема 1. Бразилецот Какау го постигна голот за гостите и со 4 погодоци води на листата на стрелците, но доживеа и да биде исклучен поради втор жолт картон на истиот натпревар, па неговиот тим играше речиси 50 минути со играч помалку. Борусија во Менхенгладбах пред преполнетиот нов стадион загуби од истоимениот тим од Дортмунд со 3 спрема 2. Бохум и Баер Леверкузен одиграа нерешено 2 спрема 2 - гостите притоа имаа малку и помош од судијата. Комична беше сцената кога пред почетокот на натпреварот Паул Фраер по навика се упати кон клупата на Бохум, чиј играч беше, но во меѓувреме го смени клубот и во новото првенство настапува во дресот на тимот од Леверкузен. Навиките тешко се совладуваат! Фрајбург по долг посен период конечно забележа победа на гости – 1 гол беше доволен за да однесе три бодови од Волфсбург. Хамбургер, единствениот член на Бундеслигата во сите првенства од нејзиното формирање, забележа и втор пораз на стартот, иако потроши 10 милиони евра за засилувања: во Мајнц домаќинот ја прослави првата победа во прволигашкото друштво, во кое е дебитант. Хамбургер навистина оствари водство од 1 спрема 0, но Бразилацот Антонио да Силва со два гола за три минути направи превсрт.

Средбата Хановер – Арминиа Билефелд е одложена, поради изведување работи врз покривот на стадионот.

Шумхер ги собори сите рекорди, шеста последовна титула за “Ферари” во формула 1

Михаел Шумахер ја освои и “Големата награда на Унгарија” во автомобилизам формула 1, забележувајќи 12-та победа во 13 трки од годинашниот шампионат. Со тоа тој го подобри рекордот по број на победи во една сезона, што и досега самиот го држеше. Рекордна е и бројката од 82 победи на поединечни трки од формула 1, колку што сега гласи билансот на постариот од браќата Шумахер. Истовремено, неговиот тим "Ферари”, на пет трки пред крајот ја обезбеди шестата последовна тритула во конкуренција на конструктори, откако вториот член Рубенс Барикело вчера заврши на втора позиција. Михаел, пак, по две недели во Спа има шанса да ја обезбеди 7-та своја титула светски првак, со оглед дека веќе сега има предност од 38 бодови пред Барикело.

Инаку, вчера на подиумот како третопласиран се искачи и Шпанецот Фернандо Алонсо, возач на “Рено".