Олимпијадата во Рио низ бројки
Дали знаете колку медали ќе бидат доделени на Олимписките игри? Или колкав е бројот на такси возила кои ќе ги пренесуваат туристите во Рио? Можеби знаете колку кондоми ќе бидат искористени во олимпиското село?
Натпреварувачи
15.000: Ова е најголемиот спортски настан во светот на кој ќе се натпреваруваат речиси 10.500 спортисти во август и уште 4.500 кои ќе се натпреваруваат на параолимпијадата следниот месец. Бројките се уште не се конечни поради скандалот поврзан со користењето на допинг од репрезентациите на Русија и Кенија, што го доведува во прашање нивното учеството на Олимпијадата.
Лига на народи
206: Поради скандалот со користење на допинг бројот на земји учесници се уште не е конечен. Нејасно е колку од 206 пријавени земји ќе учествуваат на церемонијата за отварање на 5-ти август. Овој пат е спорно учеството на Кувајт, за што во моментот се води спор во суд во Швајцарија. Но, со учеството на Косово и Јужен Судан, најверојатно бројот ќе биде 206 земји што претставува рекорд.
Лого
Иако отпрва не се забележува, логото на Олимпијадата во Рио претставува тројца луѓе кои се држат за раце. На логото е претставен и погледот кон врвот Шеќерна глава од заливот Ботафаго. Зелената, жолтата и сината боја ги означуваат природата, сонцето и морето. Овие бои исто така се и боите на бразилското знаме. Слоганот кој го придружува логото гласи: Страст и трансформација.
Стари и нови спортови
28: Од бадмингтон до кошарка, на овогодинешните игри ќе има 28 спортови. Бејзболот и софтболот беа отфрлени, а на нивно место се додадени голф и рагби кој што оваа година за првпат ќе се игра на Олимписките игри.
Медали
44: Германскиот олимписки тим се надева да го надмине сопствениот рекод на освоени 44 медали на Олимпијадата во 2012 година. Тогаш, на табелата за вкупно освоени медали, германскиот тим се пласираше на петтото место. Од вкупно 528 медали освоени на Олимписките игри досега, 306 се златни, а од нив 161 се освоени од мажи и 136 од жени.
Трошоци
38,7 милијарди реали: Трошоците за Олимписките игри ги надминаа првично планираните расходи во буџетот. Последните проценки на организацискиот комитет се дека трошоците ќе изнесуваат 38.7 милијарди реали (околу 9 милијарди евра). Ова создаде проблеми за градот кој и онака се соочува со финансиски тешкотии.
Олимписко село
450.000: Во Олимпиското село има 34.000 кревети. 72.000 маси, 100.000 столчиња, 60.000 закачалки. И секако 450.000 бесплатни кондоми. Овој рекорден број на кондоми веќе беше пробиен на една од претходните церемониите за отварање на игрите.
Такси!
6.453.682: Според последниот попис, во Рио живеат речиси шест и пол милиони луѓе. Тие и илјадниците посетители кој ќе дојдат да ги следат олимписките игри ќе користат 33.000 такси возила. Сепак, никој не може да процени колку време ќе поминат „заглавени“ во сообраќајот.