1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оливер Спасовски: Сакаат да ја вратат вмроизацијата во МВР!

Катерина Блажевска18 април 2016

Издадов наредба во која укажав дека секој што ќе го крши законот и принципот на хиерархија во МВР - ќе подлежи на кривична одговорност, вели министерот за внатрешни работи, кому Владата му ги одзеде сите надлежности

https://p.dw.com/p/1IXTH
Фотографија: Petr Stojanovski

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска ќе дојде на работното место, како што вели, „поради одредени обврски и надлежности кои мора да се остварат“. Де јуре тој се уште е министер, де факто - e сосема нејасно. Владата мината недела на итна седница ги укина сите негови претходни одлуки, му ги одзеде сите надлежности и му забрани да носи било какви решенија - правни, финансиски и кадровски, без потпис од дополнителниот заменик - министер.

И додека министерскиот потпис не е задолжителен за распоредување на полициски единици при обезбедување на протестите, (со оглед дека проценките ги прави штаб на опративно ниво), без негов потпис, на пример, ниту може да полетаат хеликоптери, ниту да се ангажира Единицата за специјални задачи („Тигри“). Пошироката јавност не ги знае ваквите детали, но интуитивно ги насетува последиците што може да ги предизвика владината одлука. Загриженоста за безбедносната состојба расте, а главното прашање е: има ли Македонија министер за внатрешни работи? Во одговорот не е сосема сигурен ни Оливер Спасовски, кој номинално е на таа функција, а реално се соочува со бројни опструкции.

ДВ: Господине Спасовски, денеска во кабинетот ќе се „сретнете“ само со работната маса, компјутерот и телефонот. Немате надлежности, немате советници, обезбедување... Може ли да се рече дека сте министер за внатрешни работи, ако сте целосно „разоружан“ од сите ваши надлежности?

Спасовски: Во тоа е апсурдот. Требаше да ја констатираат оставката на денот кога ја поднесов, а не да се однесуваат на ваков начин. Од една страна оставката не ја констатираа, а од друга, на незаконски начин ми ги одземаат сите надлежности. Тоа така не може да функционира. Во текот на денот ќе имам подобра слика за тоа какви им се намерите и што сакаат да постигнат. Потоа ќе се изјаснам за натамошните чекори.

ДВ: Ќе се спроведе ли спорната владината одлука и кој ќе го стори тоа?

Спасовски: По објавувањето на владината одлука во „Службен весник“, сите поништени кадровски решенија треба да ги спроведуваат тројца луѓе - директорот на Бирото за јавна безбедност, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање и државниот секретар. Прво, кадровските решенија не можат да се поништат со владина одлука, затоа што тоа е незаконски. Второ, самото давање на можноста тројца раководители да ја спроведат таа одлука е спротивно на законот и го нарушува принципот на хиерархиско функционирање на МВР. Јас веќе издадов наредба во која укажав дека секој што ќе го крши законот и принципот на хиерархија во МВР - ќе подлежи на кривична одговорност. Трето, секоја поништена одлука треба да биде покриена со решение од министерот. Не знам како тие тројца ќе ја спроведат одлуката без решение, ако се има предвид дека овластувањето за сите надлежности го дава министерот.

ДВ: Имајќи ги предвид сето ова, каков „ефект“ може да предизвика ваквата владина одлука во работата на МВР?

Спасовски: Ќе се создаде голем хаос, простор за немир кај вработените, меѓу соработниците, но пред се, најмногу ќе се создаде несигурност кај граѓаните на Република Македонија. Лудост е да се донесе таква одлука во време на бегалска криза и на други предизвици со кои во моментов се соочува Македонија. Прашањето е дали Владата мислела на тоа кога ја носела одлуката, или била мотивирана исклучиво од партиски причини, со цел да се врати вмроизацијата на МВР.

ДВ: Но, атмосферата на несигурност веќе се чувствува во воздухот. Преку разни шпекулации, но и официјални политички изјави, се мотивира партиско-популистички фронт против странските амбасадори, кој треба да биде увертира и за „чистка“ на сите што не се согласуваат со одлуката на Иванов и со политиките на ДПМНЕ. Кон што водат ваквите опасни игри?

Спасовски: Атмосферата што се создава против амбасадорите и генерално против претставниците на меѓународната заедница, му нанесува огромна штета на Договорот од 2 јуни/15 јули, на огромните и искрени напори што тие ги вложија за неговото донесување и реализирање, но најмногу му носи штета на угледот на Република Македонија и нејзината иднина. Овие неразумни и неодговорни постапки се во директна спротивност со ставовите и надежите на 80 отсто од граѓаните на земјава, кои во толку висок процент им даваат поддршка на интегративните процеси. Тие што ги мотивираат таквите неразумни активности треба да бидат свесни дека тоа е најбрз начин како земјата да ја однесат во тешка изолација, што на никаков начин не е од корист за нејзината иднина. Наш врвен национален интерес е интегрирање на земјата во ЕУ и НАТО, а не некакви авантури спротивни на таа цел.