Оливер Белопета: Културата не смее да застане
3 септември 2020Г-дине Белопета, Скопскиот џез фестивал постои 39 години, Офф фест- 19. Сте имале различни предизвици од финансиски, организациски аспект, но овој предизвик оваа година е поинаков, фестивалот е загрозен од вирусот Ковид 19. Како гледате на културата во оваа фаза? Ќе се случат ли овие два фестивала? Имате ли моќ за нивна организација?
Моќ за организација имаме, се разбира, очекуваме да се случат, работиме на тоа да се случат. Офф фест кој беше закажан на почеток на јуни со комплетна програма е префрлен за ноември, а џез фестивалот го очекуваме да биде во оној редовен термин од 15 до 18 октомври. Чекаме на уредба на Владата и Комисијата за заразни болести да донесе протокол за одржување на концерти, кино и театарски претстави во есенскиот и зимскиот период во затворени простори. Ја очекуваме бидејќи културата и во време на пандемија не смее да остане затворена.
Во услови на пандемија ова е тема на која катадневно се расправаат сите европски џез фестивали. Тоа значи дека на музичарите, мислам на креативните музичари и во ова време на локдаун и на многу ограничувања за патување, тие работат снимаат нови плочи и ним им е потребен публицитет па макар да бил и онлајн. Можно е и во овие услови, се разбира со нужно прилагодување културата да не застане.
Мисијата која ја презедовте со основање на Скопскиот џез фестивал подразбира вршење не само музичко запознавање на нашата публика, туку имате и сериозна едукативна мисија. Дали е вреднувано ова влијание кое што го правевте изминатиот период? Дали е препознаено како такво?
Во организација на оваа макотрпна работа, вие на почетокот споменавте со кои проблеми сме требале да се занимаваме во сите изминати години, ако чекаме овде на вреднување, тогаш подобро е да не го работиме.
- Погледнете го разговорот со Оливер Белопета:
Но, еве го директниот одговор, тој пред се е вреднуван во Европа, во Америка и во светот исклучително високо, а овде колку е вреднуван... Да вреднуван е, но мене ми е поважно да е вреднуван надвор, затоа што тоа е потврда на интернационалниот ранг и на квалитетот на фестивалот.
Но, со ерозијата на духовните вредности, каде ги наоѓате вашите поддржувачи? Каде да се најдат оние кои треба да се препознаат во столбовите кои вие се обидувате изминатиот низ години да ги промовирате на локално ниво?
Вложувањето во културата и образованието се основа на една релативно новосоздадена држава како Македонија. Ако ги земеме примерите на земји како Финска, Литванија, Норвешка, Естонија, сите ќе ви кажат дека таму основно вложување е во култура и образование. Сé друго е надградба, и стопанството и здравството итн. Зошто? Затоа што без добро образование нема добар доктор, нема добар стопанственик, а без култура и општа култура тешко ќе имате и квалитетен доктор, квалитетен инжинер или квалитетен менаџер во некоја стопанска фирма. Тоа е основна база на која не треба да се штеди, која за жал недостига во нашата нова Македонија од 1991 па наваму, особено последните 15 години.
Немаме точки кои се храмови на културата? Универзалната сала како да беше една од тие точки иако веќе не работи извесен временски период и бевте гласен кога излезе ставот за нејзино уривање велејќи дека „Универзалната сала ДА таа треба да биде нова, меѓутоа треба да има таков амфитеатрален облик и да се наоѓа на локацијата на која што се наоѓа“. И тоа не беше само ваш индивидуален став туку став кој што потекнува од многу музичари кои што имале свои концерти токму таму. Зошто?
Бидејќи јас сум сигурно, со Скопскиот џез фестивал и Офф фест, човек кој организирал најголем број на концерти во Универзална сала. Со години пред тоа таа не пружаше услови какви што се потребни, освен звукот и квалитетот на звукот. Да јас мислам дека нас ни треба сала како Универзална, во амфитеатрален облик каков што е овој сега. Меѓутоа не смееме на Универзалната сала да гледаме како на некоја музејска реликвија од минатото. На Скопје драматично му недостасува концертна сала, а на Скопје еднакво му недостасува и летна сцена, се разбира не импровизирани како што сега ги имаме, туку инфраструктурно изградени со покриена сцена, позади сцена итн. Јас на оваа тема Универзална сала и летна сцена дури повеќе не сакам да зборувам бидејќи не постои градоначалник кој дошол тука и не сум пошол и кажал „Аман направете нешто“. Од моето цело искуство, со сите градоначалници досега, тие принципиелно имале разбирање, тоа искуство ме наведува само да кажам дека ние никогаш нема да имаме ниту нова Универзална сала, ниту летна концертна сцена, а сакаме Скопје да биде град на културата.
Кои слабости во културата ни ги откри пандемијата во овој период?
Пандемијата откри неколку слабости, а тоа е пред се инертноста на националните установи кои не направија многу да се прилагодат на новите услови, едноставно голем број од културните работници кои се на државна плата им беше убаво, не одат на работа, си ги земаат полните плати и претпоставувам дека многу од нив би сакале тоа да продолжи на есен и на зима.
И како што споменавте во вашата кариера минале многу градоначалници, но минале и многу министри за култура. Дали имате некакви очекувања од новата министерка за култура Ирена Стефоска?
Па неа ја познавам само површно меѓутоа според педигрето, нормално е дека имам очекувања.
Интервјуто е изработено во рамките на проектот ResPublica.
ResPublica е академски блог на Институтот за комуникациски студии (ИКС) и претставува иницијатива за дигитално граѓанство која ја јакне улогата на академската и стручната заедница во штитењето на јавниот интерес.
Разговорот го водеше Ана Зафирова.