1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одбиена жалбата на Шимуниќ

Б.Георгиевски/ап12 мај 2014

Судот за спортска арбитража во Лозана денеска (12.05) ја одби жалбата на хрватскиот репрезентативец на казната која му ја одреди ФИФА поради усташките поздрави по бараж-мечот за пласман на СП во Бразил

https://p.dw.com/p/1ByQT
Фотографија: picture alliance/CITYPRESS 24

Судот за спортска арбитража едногласно ја одби жалбата на Јосип Шимуниќ за забраната на настап на 10 натпревари, со што тој нема да може да игра за хрватската фудбалска репрезентација на претстојното Светско фудбалско првенство во Бразил.

Шимуниќ беше казнет откако по бараж натпреварот против Исланд во Загреб, во ноември минатата година, преку микрофон извикуваше усташки поздрави до публиката на стадионот. Поздравот „За дом спремни“ ќе го чини хрватскиот репрезентативец и дополнителни 30 илјади швајцарски франци.

ФИФА ја поздрави одлуката на судот. „Сметаме дека со оваа одлука и се дава силна поддршка на напорите на ФИФА да се сузбие расизмот во фудбалот“, соопшти светската фудбалска организација.

Адвокатот на Шимуниќ, Давор Пртењача ја критикуваше пресудата.

„Ова не е победа на правдата, туку силата на една голема фудбалска организација. ФИФА ја базираше казната на политички, а не на правни аспекти“, рече тој.

Во одлуката на судот се констатира дека поздравот и извиците на Шимуниќ по мечот биле „јасна и недвосмислена референца на усташкиот поздрав“.

Шимуниќ, кој настапува за Динамо Загреб, се извини откако првично го бранеше својот настап. Во првичната реакција тој изјави: „Некои луѓе треба да научат историја. Не се плашам. Не сторив ништо лошо“. Освен забраната за настап на мечевите, на Шимуниќ му е забрането и физички да биде присутен на стадионите на кои настапува хрватската фудбалска репрезентација на следните 10 натпревари.