Ограничувањето на Австрија го вклучи алармот на Балканот
19 февруари 2016Австрија денеска започна со примена на новото ограничување за влез на мигранти, со што веднаш предизвика домино-ефект во земјите од ткн. Балканска рута.
Потегот наиде на жестоки критики од ЕУ која се надева дека ќе постигне договор со Турција за директно преземање на бегалците на самитот закажан за 6 март.
Од денеска, максимум 80 мигранти дневно смеат да бараат азил во Австрија. Виена го ограничи и бројот на луѓе кои транзитираат со цел да побараат азил во соседна земја на 3.200.
Брисел веќе ги осуди „унилатералните акции“ како „некомпатибилни со законите на ЕУ“.
Прва денеска реагираше Србија чии власти, според пишувањата на белградскиот печат, ја затвориле границата за мигранти со Македонија, откако претходно и Хрватска одлучила да не ги пушта бегалците кон Словенија и Австрија. Во меѓувреме српското МВР ја демантираше оваа информација, и соопшти дека границата не е затворена, туку дека се врши засилена контрола на бегалците.
Во одделен случај, и бугарските превозници денеска ги затворија сите шест премини на границата кон Грција, протестирајќи на тој начин на речиси едномесечните блокади на грчките фармери од другата страна.
Во рамките на 28-члениот блок на ЕУ одамна е видлива длабока поделба во однос на начинот на решавање на бегалската криза. ЕУ лидерите, под водство на Германија, засега го поддржуваат договорот со Анкара кој подразбира директно преземање на бегалците.
„Се согласивме дека заедничкиот план со Турција останува приоритет и мораме да сториме сѐ за да успее“, рече претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска.
Но, Австрија веќе со денови најавува дека ќе се придржува до својата одлука за ограничување на приливот на бегалци.
„Мораме да ја вклучиме кочницата“, изјави министерката за внатрешни работи Јохана Микл-Лајтнер.
Откако ќе биде достигнат лимитот на границата со Словенија „границата ќе биде затворен“, изјави портпаролот на австриската полиција Фриц Грундниг.
Во четвртокот, шефовите на полицијата на Австрија и четирите балкански држави на бегалската рута се договорија за заеднички пункт за регистрација и профилирање на бегалците на македонско-грчката граница.