1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОБСЕ/ОДИХР ќе ги следи изборите со 331 набљудувач

ЖА/миа10 март 2014

Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за претседателските и парламентарните избори во Македонија ќе посвети особено внимание на имплементација на изборното законодавство.

https://p.dw.com/p/1BMwj
Фотографија: Petr Stojanovski

Според амбасадорот Герт Хајних Аренс, кој ја предводи мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, во измените на Изборниот законик се вметнати голем дел од препораките на мисијата по одржувањето на локалните избори, но останува да се види како тие ќе се спроведат на терен.

„Голем дел од препораките се вградени во законодавството. Имам примерок од Изборниот законик и доста голем број пасуси се маркирани, што значи направени се доста голем број измени, а како тие измени ќе бидат спроведени во пракса, тоа е она со што ќе се занимаваме во тек на ова набљудување, затоа што спроведувањето на тие промени е подеднакво важно, како и нивното воведување“, истакна Аренс.

Во однос на гласањето на дијаспората, првиот човек на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во Скопје рече дека се издадени посебни согледувања и извештаи, но оти исто така останува да се види како тие ќе се спроведуваат во пракса.

„Ние ја имаме согледано правната рамка и можеме да ги следиме административните процедури кои се поврзани со гласањето на дијаспората. Законодавната рамка внимателно ја анализиравме, а се запознаваме со тоа колкумина имаат побарано да го остварат своето избирачко право во странство“, изјави Аренс.

Исто така во фокусот ним ќе им бидат и одредени прашања поврзани со Избирачкиот список и со изборниот молк.

„ДИК е уверена дека Избирачкиот список е веродостоен. Мора да се забележи дека во земјата нема скорешен попис за да се види колкав е бројот на оние што живеат во земјата. Ние внимателно набљудуваме каква е состојбата со Избирачкиот список и колкава е довербата на граѓаните во Избирачкиот список и тоа секако дека игра улога во политичките дискусии кои што се водат. Во колкава мера ова ќе се преточи во проблем и понатаму останува да се види“, рече амбасадорот Аренс.

На денешната прва прес-конференција на ОБСЕ/ОДИХР пред претстојните избори, закажани за 13 и 27 април, Аренс информираше дека изборите ќе ги следат 300 набљудувачи, 11 експерти кои ќе работат во Скопје и дополнително уште 20 долгорочни кои ќе бидат распоредени низ целата земја.

Мисијата ќе ги оценува изборите во однос на усогласеноста со обврските на ОБСЕ и други меѓународни стандарди за демократски избори, како и со домашните закони, изјави амбасадорот.

Набљудувачите ќе го мониторират спроведувањето на Изборниот законик и законите поврзани со изборите, регистрирањето на кандидатите, изборната кампања, работата на изборната администрација и релевантните владини тела, медиумите и разрешувањето на изборните спорови.

Досега претставници од ОБСЕ/ОДИХР имале средби во ДИК и во МНР, а најавија и разговори со претставници на државни институции, политичките партии, со кандидатите, како и со претставници на граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународната заедница. За денот на изборите, набљудувачите ќе го следат отворањето на гласачките места, гласањето, броењето на гласачките ливчиња и табелирањето на резултатите.

На денот на претседателските избори и на денот на парламентарните избори мисијата ќе ги објави прелиминарните наоди и заклучоци. Конечниот извештај за набљудувањето на севкупниот изборен процес ќе биде објавен приближно два месеци по завршувањето на изборите.