Обраќањето на Меркел е добар почеток
22 март 2018Ангела Меркел во Берлин ги скицираше целите за нејзиниот нов, веќе четврти мандат. Очекувањата не беа многу големи. Германската канцеларка не е позната како талентиран реторичар, туку повеќе по нејзиниот практичен и смирен пристап кон решавање на работите. Затоа и никој не очекуваше страствен сигнал за нов почеток.
Но, некако и до кабинетот на канцеларката стигнал фактот дека и во политиката се бара повеќе пасија. Трендовите се сменија – и помалку се насочени кон консензус.
Многу нешта се направени погрешно
Затоа и е толку важно што Меркел невообичаено самокритички ја опиша ситуацијата во Германија – и тоа уште на почетокот на нејзиното обраќање. Земјата е поделена и поларизирана, граѓаните загрижени и исплашени, вели Меркел. Нејзината позната изјава за време на кулминацијата на бегалската криза „ќе успееме!” е претворена во „точка на кристализирање токму на оваа поделба”.
Добар аспект беше и потсетувањето од Меркел на тоа колку време меѓународната заедница, при што не се иззема ни таа самата, замижуваше пред последиците од војната во Сирија и соседните земји, како и на тоа дека не постоеше желба да ги видат бегалците во сместувалиштата и нивната состојба. Потсети и дека Германија застана зад „несоодветниот Даблин систем” во ЕУ, во надеж дека бегалците нема да дојдат до Германија.
Ваквата историска ретроспектива беше важна. Затоа што фактите може да ги смират луѓето. Само со емоции никогаш ништо не се решава.
Храна за популистите?
Некои нешта Меркел ги премолчи. Како на пример тоа дека Германија во летотот 2015-та дебатираше и за затворање на границите – дека постоеше и алтернатива за отворањето на границите. Ниту тоа дека бегалската политика ја подели Европа. На тоа ја потсети шефот на фракцијата на АФД, Александер Гауланд во неговиот одговор по обраќањето на Меркел.
За „целата вистина”, за која зборуваше Меркел можеби ќе беше добро да се додаде и едно извинување и тоа на жртвите на терористичките напади од изминатите две години, кои ги извршија бегалци. Но, Меркел барем се осврна во обраќањето и на овие случувања.
Таа зборуваше отворено и за грешките во политиката за интегрирање во општеството од изминатите децении – дека водат кон создавање паралелни општества па сѐ до криминални структури во заедниците на мигрантите и дека бегалската криза само ги потпали овие грешки.
Гауланд ѝ префрли на канцеларката дека сака да одвлече внимание од личните грешки. Сепак ваквиот историски осврт во говорот на Меркел е дел од важна анализа.
Повеќе:
Владата на Меркел треба да ја врати загубената доверба
Тргнуваме, но не како досега - почнува најтешкиот мандат на Меркел
Меркел: „Германија, тоа сме сите ние”
Невообичаен за обраќањата на Меркел беше уште еден аспект, имено колку офанзивно ја бранеше својата политика. Еден пример е тоа што кога зборуваше за атентатот со отров во Велика Британија и дека многу нешта укажуваат на тоа дека Русија стои зад него, некој критички ја прекина. Таа остро реплицираше: „Би била среќна да не мора да ја споменам Русија, но едноставно да се игнорира евидентното исто така не е во ред.”
Меркел понатаму рече дека тешко се наоѓа излез од кризата со Русија, и дека 8-те илјади нови работни места за негуватели за стари лица се само капка во океанот. Желбата да не се продава само политика, туку и да се објасни што е можно потранспарентно би можело да е добро средство во борбата против популизмот.
Севкупно обраќањето се оценува како добар почеток, бидејќи влогот е голем. Се работи за враќање на довербата во политиката, не само во поединечни партии, туку во политичкиот систем.
Заклучната изјава на Меркел, „Германија, тоа сме сите ние”, затоа беше најисправен сигнал за помирување, иако можеше комотно да го каже и со малку повеќе патетика. Од друга страна, легислативниот период штотуку започна.