Обид за надминување на кризата меѓу СПД и германските синдикати
6 јули 2004Кризата меѓу владеачката Социјалдемократска партија на Германија и синдикатите поврзана со реформата на пазарот на работна сила и социјалата за сега нема да ескалира. На вчерашната средба меѓу врвните претставници на двете страни во заедничкиот Совет дури беше направен обид за приближување на спротиставените позиции, но без голем успех.
Натамошна ескалација нема да има, водечките личности на СПД и на синдикалната организација можат барем на кусо да здивнат. Но, состојбата е и понатаму далеку од “среќен брак“, за што сликовито зборуваа и изразите на лицето на шефот на СПД, Франц Минтеферинг и претседателот на Здружението на синдикатите на Германија, Михаел Зомер:
“Имавме интензивна и сериозна дебата“ - изјави Минтеферинг по средбата во берлинското седиште на социјалдемократите.
“Во разговорите стана јасно дека обете страни имаат проблеми и тоа не само една со друга, туку и со самите себе. Но, во нивното решавање не помага конфронтација, а особено не онаа на лично ниво“ - оцени шефот на Синдикатите, Зомер.
Помирливи тонови дојдоа уште пред средбата на врвот. Канцеларот Герхард Шредер најави дека и покрај навредите на негова адреса тој нема да се испише од синдикатот. Но, ваквите гести на помирливост не ги доведоа традиционалните партнери на германската политичка сцена поблиску еден друг во содржински смисол. Главните проблеми поврзани со реформските зафати од т.н. Агенда 2010 останаа. А шефот на СПД, Минтеферинг најави дека партијата на власт нема да се откаже од предвидените непопуларни мерки:
“Ние од нашата страна, канцеларот, министерот за економија и јас јасно ставивме на знаење дека мора да вложиме големи напори и да им дадеме можност на луѓето за посредување на пазарот на труд.“
СПД сепак им излезе пресрет на синдикатите по одделни точки. По прашањето на најниските примања, на пример, СПД остава простор за натамошни преговори.
На средбата стана збор и за чувствителното прашање поврзано со најавите за основање нова политичка партија лево од СПД:
“Не знаеме што ќе произлезе од сето тоа. Но, јас уште еднаш ставив до знаење дека сериозно го сфаќам сето тоа и дека сакаме да сториме се во наша моќ за работничкото движење да не стане расцепкано, туку да остане и понатаму способно за дејствување“ - нагласи шефот на СПД.
И шефот на Синдикатите беше јасен:
“Од почеток реков дека нема никаква персонална, финансиска или инфраструктурна поддршка на Здружението на синдикатите за новата партија и на тоа останувам!“